Кандидатот за претседател од власта, Стево Пендаровски во Свети Николе кажа дека неговиот противкандидат Гордана Силјановска Давкова го релативизирала настанот од 27 април.
– Вчера, ја чувме првостепената пресуда за немилите настани од 27 април, кога група насилници организирана од врвот на тогашната партија на власт, влезе во Парламентот со цел да го спречи мирниот трансфер на власта. За жал таа партија и нејзиното сегашно раководство, не смогнаа сила да го осудат тој чин, да се оградат од насилниците и да побараат извинување од сите Македонски граѓани.
Уште полошо, кандидатот на таа партија за претседател на државата, го релативизираше настанот и рече дека некои други луѓе кои беа на страната на жртвите, требало да бидат процесуирани, а не насилниците кои посегнаа по животот на пратениците – вели Пендаровски и додава дека како претседател, прва и основна задача, ќе му биде да ги штити граѓаните и нивните права и слободи. Како и жестоко да се спротивстави на секој обид ако некој сака тие права и слободи на граѓаните да ги лимитира или да ги одземе.