Пендаровски се сретна со Мета, Додик, Пахор и Ѓукановиќ ФОТО

57

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа во Сараево имаше билатерални средби со претседателите на Албанија, Илир Мета, на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, со претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик и со претседателот на Словенија, Борут Пахор.

На средбата со претседателот Мета, соопшти денеска кабинетот на Пендаровски, биле разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, кои се пријателски и бележат позитивен развој со континуиран дијалог.

Двајцата претседатели констатирале дека Северна Македонија и Албанија споделуваат исти надворешно-политички цели, и во тој контекст ја истакнале потребата Европската унија да ги валоризира напорите на двете држави преку одредување на датум за почеток на пристапните преговори за членство, како важен предуслов за стабилност во регионот.

На средбата со претседателот Ѓукановиќ, било констатирано дека двете држави негуваат одлични политички односи и споделуваат исти надворешно-политички приоритети.

„Двајцата претседатели изразија подготвеност за интензивирање на соработката меѓу двете земји, како во рамки на регионалните иницијативи, така и на мултилатерален план. Претседателот Пендаровски се заблагодари за ратификацијата на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО од страна на Собранието на Црна Гора“, стои во соопштението.

Со претседавачот со Претседателството на БиХ, Додик биле разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Босна и Херцеговина, како и за состојбите во регионот.

„Двајцата соговорници ги реафирмираа заложбите за натамошно продлабочување на билатералната соработка на политички и на економски план, како и во однос на европските интеграции“, посочуваат од Кабинетот на Пендаровски.

Претседателот Пендаровски на средбата со претседателот Пахор, се заблагодарил за отворената и конструктивна поддршка од Словенија за аспирациите на Северна Македонија за членство во ЕУ и во НАТО, потврдена со ратификацијата на протоколот за членство на државата во алијансата од страна на словенечкиот парламент.

Пендаровски во Сараево учествува на Самитот на шефови на држави и влади на земјите – учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), каде се обрати на пленарната сесија на самитот.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...