Пендаровски се сретна со Лавров

На средбата со рускиот министер за надворешни работи, Лавров, претседателот Пендаровски ја реафирмираше долгорочната стратешка определба на С. Македонија да биде дел од НАТО и ЕУ, притоа на продлабочена соработка со Руската Федерација на теми од заеднички интерес.

507

Претседателот на државата Стево Пендаровски, во рамки на Парискиот мировен форум оствари билатерални средби со сојузната канцеларка на Република Австрија Бригит Биерлејн, со заменик претседателот на Народна Република Кина Ванг Кишан и со министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров.

На средбата со австриската сојузна канцеларка Бригит Биерлејн, претседателот Пендаровски се заблагодари за безрезервната поддршка и солидарност на австриската влада за европската интеграција на С. Македонија. На средбата беше нагласена потребата од засилена комуникација меѓу двете држави во пресрет на очекувањата за позитивна одлука за датум за отпочнување на претпристапните преговори за членство во ЕУ.

Во разговорот со заменик претседателот на Народна Република Кина Ванг Кишан, Пендаровски истакна дека јакнењето на партнерството со Кина е во интерес на нашата надворешна политика и изрази поддршка на конкретните иницијативи што произлегуваат од процесот на соработка меѓу Кина и земјите на Централноисточна Европа 17+1, како и вклучување на С. Македонија во инфраструктурните проекти кои произлегуваат од „Патот на свилата“ што отвора сериозна перспектива за нови инвестиции и јакнење на економијата на нашата земја.

На средбата со рускиот министер за надворешни работи, Лавров, претседателот Пендаровски ја реафирмираше долгорочната стратешка определба на С. Македонија да биде дел од НАТО и ЕУ, притоа на продлабочена соработка со Руската Федерација на теми од заеднички интерес. Претседателот Пендаровски ја поздрави претстојната Седница на Мешовитата владина комисија за трговско-економска соработка во Охрид, со цел реализација на бројни активности во насока на интензивирање на соработката меѓу двете држави на економски план.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...