Кандидатот за претседател на СДСМ, Стево Пендаровски, ја прифати поканата за противкандидатот Гордана Силјановска за ТВ дуел.
– Се разбира дека ќе има дуел, помина времето на Груевски кој 11 години одбиваше дуели. Јас учествував во таков дуел и пред 5 години, нема причина сега да одбијам. Но, тоа ќе се случи во рамки на кампањата која почнува од први април, изјави Пендаровски.
Силјановска го покани викендов на ТВ соочување.
Пендаровски денеска sо граѓаните на Радовиш разговараше за важноста земјава да добие претседател кој ќе работи во интерес на сите граѓани и ќе застане над партиите, посветен на државата.
– Мора да ги менуваме политичката култура и начинот на водење на политика. Политичките партии не смеат да ја ризикуваат иднината или да го кочат напредокот на земјата, на сметка на партиските интереси, како што тоа го правеа некои претходно. Јас застанувам зад државните интереси, над партиските – изјави Пендаровски.
Силно верувам дека започнавме да чекориме по вистинскиот пат, кон ЕУ и НАТО. Мора да продолжиме по тој пат и затоа како претседател се посветувам на државните интереси, приоритет се граѓаните и нивните права и слободи, додаде Пендаровски.
Пендаровски попладнево продолжи на средби со граѓаните на Струмица.