Претседателот Стево Пендаровски упати честитка по повод одбележувањето на 24 Мај – Денот на словенските просветители св. Кирил и Методиј.
„Овој голем празник посветен на светите браќа Кирил и Методиј, кои со своето дело им го отворија патот на словенските народи кон описменување и духовност, е темел и на македонското јазично, културно и духовно суштествување како рамноправен народ во семејството на словенските народи“, се наведува во честитката.
Во неа претседателот додава дека светилниците на словенската цивилизација и писменост и заштитниците на Европа, св. Кирил и Методиј се изборија за правото на употреба на старословенскиот јазик во богослужбата, докажувајќи дека не постојат мали и безначајни јазици. Нивната визија и вредностите што ги промовираа и по повеќе од десет века се актуелни и релевантни.
„Честитајќи го големиот празник би сакал да потсетам дека делата и поуките што ни ги оставија светите браќа нè обврзуваат да се стремиме кон еднаквост и рамноправност, и да градиме општество со еднакви можности за сите без разлика на род, вера, етникум или која било друга припадност. Општество во кое образованието и културата се од суштинско значење и право на секој наш граѓанин. Нека ни е честит 24 Мај, Денот на словенските просветители Св. Кирил и Методиј“, истакнува претседателот Пендаровски во честитката.