Модернизацијата на Армијата и обезбедувањето европски услови за македонските војници, ќе биде врвен приоритет во мојот мандат како иден врховен командант, порача денеска кандидатот за претседател на државата од СДСМ и Коалицијата, Стево Пендаровски.
– Мојата цел ќе биде континуирано зголемување на буџетот на Армијата и обезбедување НАТО стандарди за нашите војници. Ова ќе значи и создавање услови за нив достоинствено да ја бранат нашата татковина – изјави Пендаровски на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека веќе се започнати процесите на модернизација и како што рече, во соработка со Министерството за одбрана само ќе ги поддржи и забрза.
– Посебен фокус ќе ставам на проектите и реформите кои се однесуваат на покачување на платите, домувањето, но и мерките за поддршка на припадниците на Армијата по нивното пензионирање од активната служба. Особено внимание ќе посветам на именувањето на искусни и квалитетни кадри на позициите од суштинско значење за безбедноста на земјата – потенцира Пендаровски.
При именувањето на началникот на Генералштабот и генералите во Армијата, додаде, секогаш ќе се води од нивните професионални достигнувања.
– Во Агенцијата за разузнавање активно ќе учествувам во реформата на безбедносниот систем на нашата држава согласно со стандардите на најразвиените демократски земји – рече Пендаровски и нагласи дека обезбедувањето на независен и ефикасен систем за безбедност мора да биде врвен приоритет на Владата и претседателот на државата.
Посочи дека никогаш повеќе нема да дозволи да бидат злоупотребени Агенцијата за разузнавање и нејзини делови.
– Советот за безбедност, кој досега целосно беше занемарен од актуелниот претседател, ќе го свикувам редовно и во него ќе учествуваат реномирани експерти од областа на безбедноста, но и претставници на власта и опозицијата – потенцира Пендаровски и додаде дека националната безбедност не смее и нема да биде жртва на партиските и политичките интереси на поединци.