Пендаровски порача партиите да не ловат поени, туку да донесат натпартиска стратегија да сопре иселувањето

132

Шефот на државата повика на консензус помеѓу сите партии за стратегија за да се спречи иселувањето на младите од државата.

– Сите знаеме зошто 20 години не можевме, поточно, не сакавме да организираме попис. Ноторен факт е дека огромен број од нашите граѓани, не само младите, засекогаш ја напуштија државата. Иселувањето е една од најголемите закани за безбедноста и иднината на земјата затоа што го намалува биолошкиот супстрат на нацијата од која директно зависи нашиот опстанок и просперитет во сите витални сектори на општеството. Не можам да видам како некој мисли дека би добил политички поени ако вели дека во „ваше време” се иселија 300.000 граѓани, а во „наше време” само 150.000.?, рече Пендаровски.

Тој порача дека нема магична формула и брзи решенија за овој проблем.

– Ги повикувам релевантните политички субјекти, да седнеме заедно и да донесеме натпартиска стратегија, барем за ублажување на последиците од оваа голгота на нашиот народ. Во ситуација кога 15 години чекаме да почнеме преговори со ЕУ, во ситуација кога влегуваме во НАТО после цели 20 години откако го добивме статус на земја-кандидат, а стандардот пер-капита е на 80% од некогашниот наш југословенски просек, со просечна плата од 400 или 500 евра, иселувањето може да бележи само нови поразувачки рекорди. При тоа, не како политичари, туку како обични луѓе, ние мора да се согласиме дека ако макар само еден единствен млад човек ја напушти државата, заради нашите политики, тоа не е трагедија само за неговото семејство, туку, објективно и за сите нас – рече Пендаровски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...