Пендаровски: Поради Иванов граѓаните сѐ уште плаќаат високи казни (ВИДЕО)

345

Ѓорге Иванов свесно ги кочи процесите кои се од витален интерес за граѓаните. Иванов, неосновано одбива да потпише укази за десетина закони и со тоа нанесува директна штета на стотици илјади граѓани во нашата земја, изјави денеска кандидатот за претседател Стево Пендаровски.

– Додека јас зборувам за тоа како да ги задржиме младите дома и да им обезбедиме услови да основаат дом и семејство во својата татковина, Иванов одбива да го ратификува Законот за субвенционирање на станбените кредити, на јавноста познат како „Купи куќа, купи стан“ и со тоа на младите им ја ускратува можноста да ги користат новите, исклучително поволни кредити и дополнителни субвенции за купување на сопствен дом. Додека јас зборувам за родова еднаквост и право на сопствен избор, Иванов ја враќа жената назад. Тој одбива да го потпише указот на Законот за прекин на бременоста, и со тоа им го ускратува правото на жените за безбеден прекин на бременоста и слободниот избор на жената самостојно да одлучува за сопственото тело и живот – рече Пендаровски.

Тој нагласи дека додека повикува на обединување, еднакви права и можности и достоинствен живот за сите, Иванов поддржува дискриминација.

– Со новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација кој Иванов одбива да го потпише за прв пат со закон се заштитуваат лицата со попреченост, различен полов идентитет, различна сексуална ориентација. Ако зборуваме за судството, Иванов е главниот кочничар и најголемиот виновник за неспроведување на реформите во судството во земјава. Тој не го потпишува Законот за судовите и Законот за управни спорови и со тоа не дозволува да се утврдат јасни и прецизни постапки за разрешување на судии, дисциплинска одговорност, како и именување и унапредување на судии. Бидејќи Иванов не го потпишува Законот за прекршоци, граѓаните сѐ уште плаќаат повисоки казни. Новиот Закон за прекршоци директно влијае на буџетот на граѓаните бидејќи истиот предвидува опомена пред казна, но и намалување на казните за високи 75% – додаде Пендаровски.

Според него, и економскиот напредок на земјата е блокиран од Иванов, затоа што не ги ратификува Законот за финансиска поддршка на инвестициите, Законот за тутун, Законот за измена и дополна на Законот за служба во армијата, Законот за практиканство, Законот за измена и дополнување на Законот за јавен долг, Законот за регистрирање на готовински плаќања, Закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, Законот за изменување и дополнување на Законот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати, Закон за електронско управување и електронски услуги, Закон за централен регистар на население….

– Гласот за Силјановска е глас за новиот Иванов. Нив ги интересираат само партиските интереси, а со тоа директно ги оневозможуваат основните човекови права на нашите граѓани. Ако ја добијам вашата доверба, првиот ден од мојот претседтелски мандат ќе ги потпишам овие закони, но и сите други кои се од највисок интерес за граѓаните – нагласи Пендаровски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...