Пендаровски: Повторното одложување на преговорите со ЕУ може да има непоправливи последици

249

Евентуалното  повторно одложување напролет на одлуката за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија и Албанија во ЕУ би бил многу сериозен удар. Повторувањето на стратегиската грешка од октомври би можело да има многу длабоки, непредвидливи, а можеби и непоправливи последици, оценува претседателот Стево Пендаровски во интервју за германски „Шпигел“.

Пендаровски потсетува дека одложувањето на одлуката за старт на преговорите во октомври била голем шок за Северна Македонија, но и за многу други.

– Иако францускиот претседател Емануел Макрон кажа дека се потребни реформи на процесот на проширување на ЕУ, сите се надеваа дека нема да биде блокиран стартот на преговорите со Северна Македонија и Албанија. Тоа беше големо разочарување за нашите граѓани, за нашата Влада и лично за мене. На крајот на краиштата ние ги направивме сите потребни реформи и договори, и најмногу од се направивме нешто што е уникатно во модерната светска историја – за да го решиме проблемот со Грција што не блокираше, го сменивме името на државата од Македонија во Северна Македонија – изјави Пендаровски.

Тој посочува дека и многу водечки политичари во ЕУ потврдиле дека е направена стратегиска грешка и оти Унијата не може да биде релевантен геоплитички играч ако не го интегрира Западен Балкан.

Пендаровски вели дека добил уверување од Макрон оти проблемот не е во Северна Македонија, туку во ЕУ на која и се потребни реформи во однос на преговарачкиот процес, но, нагласува, ние стравуваме дека можеме да станеме втора Турција која со години е заглавена како постојан кандидат за членство.

Шефот на државата истакнува дека Скопје нема ништо против реформи во преговарачкиот процес и е подготвено да ги спроведе неопходните реформи, а го прифаќа и предложениот модел на ревизрибилност, но очекува евентуалните реформи на процесот на пристапување да бидат направени брзо и без натамошни одложувања.

За Северна Македонија, нагласува Пендаровски, е неприфатлива каква било друга алтернатива освен полноправно членство во ЕУ.

Предупредува дека дистанцирањето на ЕУ од Западниот Балкан може да отвори простор за други играчи и да влијае негативно на реформите во земјите од регионот.

– Тие може да кажат дека Македонците ги исполнија сите услови, го сменија нивното име, а не добија ништо. Тогаш зошто ние да правиме сериозни напори и реформи? Тоа особено се однесува на проблемот на Србија и Косово, изјави Пендаровски.

Прашан дали евентуалниот вакуум може да го искористат Русија, Турција и Кина, тој наведува дека не сака да именува ниедна држава, но оти има центри на моќ кои не се задоволни од проширувањето на НАТО и ЕУ.

– Во тој контекст земјите во регионот се често цел на лажни вести, дезинформации или кампањи со цел  нивна дестабилизација – изјави претседателот Стево Пендаровски во интервју за „Шпигел“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...