Претседателот на државата Стево Пендаровски во вечерашното интервју на телевизија Телма рече дека техничките рокови од Преспанскиот договор ќе бидат на чекање, додека не почнеме преговори со ЕУ. Се осврна и на патните ознаки во Грција, кои сѐ уште не се променети во согласност со Преспанскиот договор.
– Во Преспанскиот договор има два типа на рокови политички и технички. Едните се однесуваат на користење на името во меѓународните односи и билатералните односи. Тоа е исполнето. Техничките се однесуваат на областите. Кога ќе почнеме преговори со ЕУ за областа екологија, тогаш во документацијата во правниот поредок на оваа област ќе мора се користи новото име. Ако ние не преговараме со ЕУ, овие технички рокови ќе чекаат. Инаку да ви кажам, на враќањето од Париз поради лошото време, слетавме во Солун. И по пат ниту една ознака не е со Северна Македонија, сите се со Скопје, што е непочитувањето на Договорот, вели Пендаровски.