Oдбележувањето на 25-годишнината од воспоставувањето на билатералните односи следната година, како и очекуваното скорешно зачленување на Северна Македонија во НАТО алијансата, ќе даде дополнителен импулс за натамошно зајакнување на стратешкото партнерство меѓу двете пријателски држави, истакнал шефот на државата Стево Пендаровски на средбата со специјалниот претставник на државниот секретар на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Метју Палмер.
Пендаровски се заблагодарил за ратификацијата на Пристапниот протокол за членство на С. Македонија во НАТО од страна на американскиот Сенат и изразил уверување дека ќе продолжи безрезервната поддршка на САД за остварување на стратешките цели на С. Македонија.
Пендаровски ја истакнал важноста на неодамнешната посета на државниот секретар на САД, Мајк Помпео, на С. Македонија, оценувајќи ја како потврда за стратешкото партнерство меѓу двете земји и заедничките заложби за стабилен и просперитетен регион.
На средбата Пендаровски истакнал дека за земјите од Западен Балкан не постојат други алтернативи, освен членство во Европската Унија.