Пендаровски: Нѐ интересира подобар животен стандард и да го сопреме иселувањето на младите 

209

Нѐ интересира подобар животен стандард и да го сопреме иселувањето на младите кои со години беа просто терани да бегаат од својата земја. Со стапки на развој, како што докажуваат сите земји членки, ќе станеме дел од европското семејство – безбедно, богато и со среќни луѓе кои иднината ја гледаат во своите земји. Брзи решенија на тој пат нема. Но оваа генерација македонски политичари не ви вели дека тоа ќе се реши за година или за две, ви вели дека нема друг пат како што тврди, за жал, се уште главната опозициска партија, истакна кандидатот за претседател од СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски вечерва во Кавадарци.

Тој нагласи дека оваа коалиција заслужува уште една поддршка и уште една голема победа и дека по долги години се решени неколку проблеми со соседите, спорот за името, направена е конечна имплементација на Рамковниот договор. Лани беше година на интеграции, рече тој, оваа и следната се прогласени за економски години – економијата бележи раст, нови економски фондови и можности допрва доаѓаат. Загарантирани ни се границите и безбедноста со НАТО.

Зборувајќи за политиките во земјоделството пред жителите од лозарскиот крај, претседателот на СДСМ Зоран Заев рече дека исплатени се 110 милиони евра заостанати субвенции, и ги спомна долговите од Повардарие и од неколку други визби.

– Сите ги исплативме. Стечајни постапки се отворија. И тие ги исплативме. Овие денови сите земјоделци повратија персонален данок на доход што поднесоа за поврат до еден милион денари што имаат приходи. Секој што во иднина ќе поднесе, има право на поврат на тој персонален данок. Четрстотини дваесет и четири грантови од по десет илјади евра само во областа на земјоделието доделивме оваа последна година. И продолжуваме понатаму… Знам дека не е задоволството комплетно за се, но никогаш досега порано немало вакви политики – рече Заев.

Тој зборуваше за интеграцијата и економските придобивки. Да се оди напред заедно, здружени. сплотени, тогаш има успех. Патот по кој сме тргнале е единствениот, рече Заев, повикувајќи на поддршка за Стево Пендаровски кој ќе биде претседател на сите.

Тој ги повика и опонентните зашто, рече, оваа е и нивна татковина.

– Сите сме должни да мислиме за татковината. Оти сите сме должни да мислиме за децата дома што ги имаме, за домот. Сите да се здружиме оти доста ни беа 27 години тапкање во место и шлапање во кал. За политики, економски прашања, здравствени политики, образовни политики, политики од областа на културата, на социјалната заштита… Можеме да бидеме различни, но за татковината треба да му ја мислиме сите. И да носиме одлуки сите. Затоа што секоја поединечна одлука зависи каква ќе ни биде иднината, наша заедничка, како народ, како нација, како држава – рече Заев и додаде дека ако  целиот свет го поздравува тоа што е сработено, значи дека е избран вистинскиот правец.

Затоа, порача лидерот на СДСМ, треба да се избере Пендаровски.

– Ќе  имаме претседател со кој сите ќе се гордееме и сите ќе го доживееме тоа што го посакуваме – добра земја што чекори напред во НАТО, во Европската Унија, со економски стандард – нагласи Заев пред граѓаните на Кавадарци.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...