Стево Пендаровски денеска излезе на прес-конференција пред новинарите, откако вчера победи со разлика од околу 4.600 гласови пред Гордана Силјановска, и порача дека е убеден оти во вториот круг ќе ги добие гласовите и на оние кои вчера не излегоа на гласање, а ги повика и гласачите на кандидатот Блерим Река. Пендаровски вели дека не е изненаден од изборниот резултат, а на тоа што немал поголема разлика влијаеле и непопуларните одлуки на власта. Во споредба со 2014 кога исто така беше кандидат, тој сега освои околу 2.000 помалку.
– Многу работи се променија од тогаш. Последните две години направивме неколку тешки компромиси, зборувам за договорите со Бугарија и Грција, за Законот за јазици за кој имаше сериозни отпори од главната опозициона партија, отпори кои, за жал, не престанаа до ден денеска. Ние решивме да не носиме само популарни одлуки, и претпоставувам кај дел од луѓето тоа имало влијание. Во споредба со 2014, разликата во 2019 е само во тоа што сега имавме демократски избори. Многу вода протече низ Вардар сиот овој период за да споредуваме. Тогаш бевме без пристап до медиуми, администрацијата беше блокирана… Но, сега политичките одлуки кои ги преземавме од 2016 година наваму влијае на вчерашниот резултат и на тоа граѓаните имаат право. Не сум изненаден бидејќи трендовите кои ги следевме, ако паметите анкетите кои се правеа, покажуваа отприлика вакви тенденции. Мислам дека по првпат после подолг временски период, анкетарските фирми погодија поприлично во однос на резултатите од изборниот ден – рече Пендаровски.
Тој потврди дека по резултатите добиени од синоќа немал разговори со албанските опозициски партии и нема да се оди на разговори затоа што, рече, не им е потребна политичка трговија. Во однос на можноста да се бараат гласовите од претседателскиот кандидат Блерим Река, тој ја повтори изјавата на Река во која нагласува дека неговите гласачи по првиот круг, се личности со свој став и како сакаат така треба да решаваат во вториот круг.
– Имам намера да го промовирам мојот концепт. Во вториот круг влегуваат два дијаметрално спротивни концепта. Едниот концепт за кој се залагам е евроатлантска интегрирана Макеоднија и внатре инклузија на сите етнички заедници во системот. На друга страна имаме националистички-популистички концепт од 19 век – истакна меѓу другото Пендаровски.
На граѓаните кои гласаа за Река им порача дека ја очекува нивната поддршка во вториот круг.
– Од нивниот глас зависи каков курс ќе заземе нашата земја по 5-ти мај – оцени Пендаровски.
Според него, на 5-ти мај потребна е максимална граѓанска и политичка мобилизација и поддршка за концептот што ја води оваа земја напред, за да се избегнат нови блокади на патот кон НАТО и ЕУ. Пендаровски изрази уверување дека ќе се постигне цензусот во вториот круг на претседателските избори.
По барање на новинарите да даде коментар за тоа што во првиот круг со резултатите „го изгуби“ Скопје, Пендаровски потенцира дека според бројките тоа не е така, ако се говори за 10-те општини кои го сочинуваат Градот Скопје.
– Трендовите во Скопје се многу слични како и на ниво на цела држава – рече тој.
ФОТО: EPA / GEORGI LICOVSKI