Кога Македонија ќе влезе во НАТО, дефинитивно се затвора прашањето дали ќе ја биде земјава, вели Стево Пендаровски, националниот координатор за НАТО.
Тој денеска зборуваше на дебата на тема „Позитивните и негативните аспекти од зачленувањето на Македонија во НАТО“, организирана од Институтот за стратегија и развој во Скопје.
На прашање за се погласните информации дека наводно власта има намера да покрене промена на цензусот за референдум за договорот со Грција, Пендаровски нагласи дека „во очи на самиот настан, не е добро да се менуваат изборните правила“.
Пендаровски објасни дека треба да се реши како ќе биде формулирано референдумското прашање, потоа какво ќе биде изјаснувањето на граѓаните, односно дали ќе биде задолжителен или консулативен референдум.
-Каков и да биде обликот на референдум, одлуката што ќе ја донесат граѓаните ќе биде задолжителна – додаде Пендаровски.
Во врска со шпекулациите дека зачленувањето на Македонија во ЕУ, се условува со отворање бегалски кампови во земјава, македонскиот национален координатор за НАТО, рече дека тие се апсолутно неточни и дека и самата унија се уште нема утврдено заеднички став по прашањето на бегалците.
– НАТО е организација во која членуваат најмоќните држави и се разменуваат информации внатре и со заеднички настап се оди контра новите закани – вели Пендаровски кој потсети дека критериумот за влез на Македонија во НАТО е решавањето на спорот со Грција.
Оттаму, смета Пендаровски, Македонија сега треба да се ориентира кон тоа што Грција ќе го каже во своето писмо испратено до Алијансата, наспроти изјавата на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во која беше категоричен дека во случај референдумот да не успее, тогаш тоа ќе го загрози и членството на Македонија во НАТО.
– Треба да ги видиме формулациите во писмото од единствената земја-членка што досега правеше проблеми од нашето зачленување во Алијансата. Грчкото Министерство за надворешни работи вети дека ќе биде чиста и јасна препораката и за двете организации, не само за НАТО. За во НАТО Грција нема да прави проблем да добиеме покана, а за ЕУ нема да прави проблем да почнеме со преговори – вели Пендаровски и додаде дека Договорот со Грција е најдоброто нешто што можевме да го имаме во актуелниот политички контекст.