Потребен ни е политички дијалог и потребно ни е помирување дома, без разлика на политичките интереси на различните партии, за големите прашања кои се од стратешки интерес за земјата, на долг рок мораме да имаме консензус доколку сакаме нашето општество да просперира, младите да не се иселуваат и да имаме стабилност и развој. Треба да најдеме начини за соработка меѓу сите релевантни политичари, затоа што ние сите сепак работиме за интересот на граѓаните, вели претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски во интервју за порталот на албански јазик „Алмакос“.
На прашање дали планира да се сретне и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски или дали планира да ги повика на средба партиските лидери, Пендаровски изразува надеж дека наскоро ќе се види и со Мицковски.
На прашање дали е оптимист што се однесува до добивање датум за членство во ЕУ наесен, Пендаровски истакнува „и од претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск и од високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини добивме јасна порака дека Северна Македонија е на вистинскиот пат и треба да продолжиме со реформите“.
– Добивме потврда и признание дека државата направи се што се очекуваше и прашањето не е дали, туку кога ќе отпочнат преговорите. Оптимист сум за есен и очекувам како што беше наведено во заклучоците од јунскиот Совет во Луксембург дека ЕУ ќе се наврати на нашето прашање најдоцна до октомври и дека ќе добиеме датум за преговори. Заклучоците јасно наведоа дека одложувањето е поради тесната временска рамка да се разгледа извештајот и да се донесе одлука, а не поради неисполнети критериуми од наша страна. Од регионот, беше посочено на средбата, доаѓаат и добри вести, а Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија се примери како можат тешките прашања да се затвораат со храбри одлуки – вели Пендаровски.
Во врска со тоа дали е одлучен да не отстапи од начелата што ги прокламирал за време на предизборна кампања, Пендаровски вели дека не планира да отстапи од вредностите за кои кажал дека ќе се залага за време на изборната кампања – претседател на сите граѓани, од кој нема да се срамат граѓаните.
– Ќе бидам ликот на државата во странство, ќе работам за сите, ќе се трудам да се гледам со што е можно повеќе граѓани, а сакам да ја отворам мојата канцеларија за секој граѓанин кој има проблеми и колку можам да помогнам. Ако сакаме напредно општество, каде младите нема да се иселуваат, каде имаме истражување, развој и напредок мораме сите да работиме на правичност, солидарност и заедништво – за подобра држава за сите. Како што ветив, нема да бидам затворен во моите канцеларии на Водно, ќе одам секаде каде што ќе бидам повикан за да работиме за доброто на секој граѓанин и на државата – истакнува Пендаровски во интервјуто за „Алмакос“.