Претседателот Стево Пендаровски и натаму да се залага за политичка стабилност и политичка предвидливост во земјата, бидејќи тоа ги охрабрува компаниите да ги зголемат инвестициите, бараат бизнисмените – членови на Стопанската комора Македонија – Турција (МАТТО).
На средбата кај шефот на државата, тие предочиле и дека во последнава декада инвестициите од Турција достигнале две милијарди долари и дека трговската размена меѓу двете земји е над пет милијарди долари.
– За неколку месеци, со полноправното членство во НАТО нашата држава ќе ја заокружи својата безбедност и ќе стане земја со предвидлива иднина. Знам дека за секој потенцијален инвеститор стабилноста на земјата е клучен предуслов. Подеднакво е важно земјата да нема отворени билатерални прашања со своите соседи. Северна Македонија и во овој сегмент ја заврши својата работа, им рекол претседателот Пендаровски на стопанствениците.
Воедно тој им предочил, како што соопшти неговиот Кабинет, дека во фокусот на неговото работење ќе биде подобрувањето на економските состојби во земјата зашто е неопходно сите повеќе да се посветат на економијата, имајќи предвид дека задача на секој политичар е да работи исклучиво во интерес на народот.
На средбата, Пендаровски ја истакнал и поддршката на турските компании за македонската економија, како и нивниот директен придонес за подобрување на стандардот на граѓаните. Тој напоменал и дека ќе се заложи за подобрување на Договорот за слободна трговија, што го потпишале двете земји пред речиси 20 години, имајќи предвид дека на тој начин уште повеќе ќе се зголеми трговската размена меѓу земјава и Турција, што во крајна линија ќе резултира со подобрување на стандардот на граѓаните на земјата.
Претставниците на Рамстор, ТАВ Македонија, Халк Банк, Џевахир Холдинг, Сити Плаза, Бис Оил, Еуролинк и на млекарата Суташ ја поздравија отвореноста на претседателот Пендаровски и неговата подготвеност политичката дебата во земјава да се замени со дискусија за економија. Посочија дека претставуваат мост меѓу земјава и Турција и дека постои простор и расположение за уште поголемо продлабочување на економската соработка.