Зајакнување на безбедноста преку соработка меѓу Косово и Македонија е тема на првиот, дводневен, Косовско-македонски безбедносен форум 2018, што почна денеска на Универзитетот ААБ во Приштина, во организација на Факултетот за безбедност-Скопје, Фондацијата „Конрад Аденауер” за Косово и Универзитетот ААБ.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, на отворањето на форумот говореа националниот координатор на Република Македонија за членство во НАТО, универзитетскиот професор Стево Пендаровски, заменик министерот за внатрешни работи на РМ Агим Нухиу, координатор за безбедносни реформи на Косово Бесник Тахири, деканот на Факултетот за безбедност во Скопје Никола Дујовски, претставници на Фондацијата „Конрад Аденуаер” и на ААБ Универзитетот, како и претставници од академската заедница и безбедносните институции на Република Македонија и Република Косово.
Пендаровски во своето обраќање се осврна на дијалогот меѓу Белград и Приштина, при што нагласи дека „сите луѓе со добра волја во регионот и пошироко сигурно ќе го поддржат решавањето на преостанатиот спор меѓу Косово и Србија, што, на крајот, ќе придонесе неизмерно за неповратната пацификација на регионот“.
Сепак, порача координатор на РМ за членство во НАТО, „посакуваниот исход нема да биде возможен ако применетите методи се земени од архивите од 19 и 20 век“.
– Морам да бидам отворен со вас: да се надевам дека размената на населението и промена на постојните граници на Балканот нема да го дестабилизираат регионот, што не е во допир со реалноста – реше Пендаровски.
Тој, меѓу другото, додаде дека само два примери се доволни за потсетување.
– Прво сите треба да бидеме свесни колку е тежок процесот на донесување на законот за демаркација на границата меѓу Косово и Црна Гора. Второ, во Македонија, се уште имаме горчливи сеќавања кога се сеќаваме на сите тешкотии низ кои се обидовме унилатерално да ја демаркираме границата со Косово. Ни требаше речиси една деценија да успееме и тоа се случи само откако сите релевантни чинители беа вклучени во постапката на теренот – рече Пендаровски.
Тој нагласи дека позицијата на македонската Влада е дека поддржува заемно прифатливо решение меѓу Белград и Приштина, но само решение со потенцијал да придонесе кон регионалната стабилност.
– Или, со други зборови: нашата заедничка цел треба да биде: да се реши еден проблем, но, истовремено, да не се креираат неколку други.
Зборувајќи за пошироката безбедносна агенда, Пендаровски рече дека Косово и Македонија имаат широка област за соработка, заедно со меѓународните партнери, во борбата против тероризмот и верскиот екстремизам, неутрализирањето лажни вести или следење на нашите граѓани кои се вклучени во војните во Блискиот Исток кога се вратија дома.
– Регионалната безбедносна соработка се шири билатерално и мултилатерално во рамки на форумите како што е групата на Јадранската повелба – нагласи во Приштина Пендаровски.
– Деценискиот процес на комплетирање на таканаречената евроатланска зона на стабилност и просперитет се приближува кон својот крај, бидејќи пристапувањето на Македонија во НАТО полека, но, постојано станува реалност, истакна Пендаровски.
Според него, Владата во Република Македонија многу придонесува за регионалната стабилност преку негување на добрососедските односи во изминатата година и половина. Прво, договорот постигнат со Бугарија, а подоцна и уште повеќе, договорот со Грција ги олеснил тензиите меѓу директните соседи и направил големи чекори напред кон помирувањето меѓу народот, толку многу неопходно по долги децении на тензии, конфликти и војни на Балканот. Се разбира, другите три соседи на Македонија во меѓувреме, според Пендаровски не беа заборавени, бидејќи Владата отвори дијалог на различни нивоа со сите нив на невиден размер.
Пендаровски во Приштина на Форумот на претставниците на академската заедница и безбедносните институции рече дека „нашите луѓе не се подготвени да чекаат да се решат сите отворени билатерални спорови за да живеат во просперитетно општество“.
– Квалитетот на демократијата во регионот главно зависи од домашните политички елити и, да бидам искрен, се уште не е зацврстен. На крајот од денот, демократијата нема да се одржи ако не сме способни да ги отфрлиме не-регионалните влијанија и обидите на нелибералните модели на демократија да продираат во самата ткаенина на нашите општества, рече Пендаровски.
Деканот на Факултетот за безбедност во Скопје Никола Дујовски најави поинтензивна академска соработка во областа на безбедноста меѓу Република Македонија и Република Косово.
Од страна на Продеканот за наука и развој на скопскиот Факултет, Марјан Ѓуровски беше промовирана заедничка публикација „Студија на случај за регионалната безбедноста соработка меѓу Косово и Македонија”, која е издадена на македонски, албански и англиски јазик.
– Македонија и Косово прво треба да имаат функционална безбедност за да можат да имаат и регионална стабилност, да придонесуваат кон операциите за поддршка на мирот и да се интегрираат во евроатланските и европските институции”, рече Ѓуровски.
Според него, безбедноста на државата, вклучително и нејзините граѓани, економија и институции, ги опфаќа, покрај активностите на други држави, и дејствијата на насилните не-државни актери.
Во Косово на регионалниот настан дебатираат на едно место академската и стручната јавност и воедно од професори од Република Косово, Република Македонија и од Босна и Херцеговина каде се детектираат механизми со кои двете земји ќе се справуваат со заедничките безбедносни ризици и закани.
Теми на форумот се: реформи во безбедносниот систем, заканите од тероризам и странски борци, како и нивната ресоцијализација и безбедносната дилема, и промените на границите за создавање на етнички „чисти“ држави или управување со малцинските права.
Во рамки на проектот се спроведе анализа и истражување во три области кои се однесуваат на концептот на безбедноста во двете држави, реформа на безбедносниот сектор, закани од тероризам и странски борци,ресоцијализација, дерадикализација и зголемување на безбедноста преку политиките за правата на малцинствата и опасност од промена на границите во регионот.