Сега сме 5 години постари, но ја имам истата страст како во 2014 година. Ми дадовте огромна политичка одговорност, која имам намера да ја оправдам во целост во месеците и годините што се пред нас, во интерес на подобриот и посреќен живот на сите наши граѓани, рече денеска Стево Пендаровски, откако од 783 делегати присутни на 23. Конгрес на СДСМ 712 едногласно, без против и воздржани, гласаа за него и го избраа за кандидат за претседател на Република Северна Македонија.
Пендаровски е национален координатор за подготовка на земјата за членство НАТО и универзитетски професор, а денеска и официјално влегува во трката за претседател на државата на шестите избори кои ќе се одржат на 21 април.
Пред 5 години, Пендаровски загуби на претседателските избори од Ѓорге Иванов, а овојпат зад него стои поддршката на 31 партија, меѓу кои и од коалициониот партнер ДУИ.
Тој рече дека денешниот ден е особено емотивен за него.
– Сакам да му се заблагодарам на премиерот Зоран Заев што повторно ми е дадена шанса, после бруталниот изборен инженеринг во 2014 година. Првпат во независноста на нашата земја зад еден претседателски кандидат застанаа 3 албански партии. На 21 април и 5 мај нема да се решава за политички кариери. Далеку поважно е да покажеме дека во една мултиетничка држава на Балканот е возможно луѓе од различни етникуми да се обединат за исти цели – членство во евроатлантските интеграции, закони кои ги унапредуваат правата на граѓаните и политички претставници кои ги надминуваат и поминуваат вековните етнички линии на поделба, Немаме друга алтернатва освен да победиме на 5. мај – порача Пендаровски.
Тој додаде:
– Ве уверувам дека ја имаме истата страст и истата енергија како и во 2014 година да покажеме дека во овие турбулентни времиња, на овој дел на Балканот, токму оваа политичка опција и токму овие луѓе, најдобро го разбираат историскиот контекст и сакаат, конечно, да го заокружат проектот на интегрирана, демократска и мултиетничка Република Северна Македонија. Далеку поважно е да покажеме дека во една мултиетничка држава на Балканот е возможно луѓе од различни етникуми да се обединат за исти цели – членство во евроатлантските интеграции, закони кои ги унапредуваат правата на граѓаните и политички претставници кои ги надминуваат и поминуваат вековните етнички линии на поделба, истана Пендаровски.
Тој нагласи по цела една деценија „автократски режим на фамилијата“, во последните две години почнале од земјава да доаѓаат убави вести. За актуелната власт рече дека направила чудо со две работи – со уривање на режимот и со Договорот со Грција, додавајќи дека само тие се доволни за да бидат запаметени од историјата.
– Посакувам со наш заеднички ангагжман во наредните месеци да создадеме уште една таква вест, која сите искрени борци за слобода и демократија, не само овде, туку пошироко – во регионот и Европа, ја очекуваат со нетрпение, рече Пендаровски, заблагодарувајќи се за довербата и со повик сите заедно да се вложат, како што рече, „за Македонија – за Македонија да биде на сите“.
Пендаровски ги спомна и другите тројца фаворити и кандидати на СДСМ, министрите Спасовски, Димитров и Шекеринска кои, рече, се негови пријатели и соборци за иста кауза.