Прифатена е иницијативата на Република Италија за вонреден состанок на Советот за општи работи на Европската унија на којшто повторно ќе се отвори прашањето за почеток на преговорите со Македонија и со Албанија, му потврдил италијанскиот претседател Серџо Матарела на претседателот Стево Пендаровски, кој е во официјална посета на Италија.
Двајцата претседатели остварија тет-а-тет средба, по што следуваше и пленарен состанок со официјалните делегации на Македонија и Република Италија.
Пендаровски рече дека интегрирањето на Македонија и на земјите од Западен Балкан во Европската Унија и НАТО е во интерес на регионалната безбедност и просперитет. Во овој контекст Пендаровски подвлече дека Македонија нема друга алтернатива освен интеграција во ЕУ и не се прифатливи алтернативни модели за градење на односи на земјите од Западен Балкан со Унијата, различни од стандардите што ги поминаа сите членки во ЕУ како кандидати.
На средбата меѓу претседателите Пендаровски и Матарела се разговараше за билатералните односи меѓу Македонија и Италија, при што се констатираше дека двете држави имаат традиционално пријателски односи, со висок степен на разбирање и доверба, како и одличен политички дијалог којшто може да придонесе за зајакнување на трговската размена, соработка меѓу бизнисите и збогатување на економската соработка.