Кандидат за претседател на СДСМ, Стево Пендаровски, денеска од Централниот изборен штаб ја почна кампањата во која има намера да ги посети буквално сите поголеми и помали населени места во Македонија.
– Во рамки на кампањата ќе постојат седум или осум т.н. помасовни собири и поголеми трибини со граѓани, сѐ останато ќе бидат трибини на кои ќе имаме помали групи на луѓе, а на кои ќе разговараме со помала бројка граѓани, затоа што сакаме да ги чуеме сите нив и во разговор со нив да објасниме што е најдобро заеднички да направиме за нашата заедничка татковина – рече денеска Пендаровски.
Слоганот за неговата кампања е „Заедно напред“.
– Слоганот ја објаснува накусо практично целата политичка филозофија која ќе ја застапувам јас и сите оние кои ме поддржуваат во овие избори, значи дека Македонија буквално не смее да си дозволи луксуз да оди назад или не дај Боже да следи политички концепти кои ќе ја блокираат или изолираат и од регионот и од светот како што тоа беше за жал со години и години наназад случај. А „Заедно“ – тоа значи дека мора секоја политика која има намера да придонесе за прогресот на Македонија да води сметка за мултиетничката реалност, да води сметка за сите етнички заедници, се разбира сите граѓани, меѓутоа да не ги дели граѓаните по етникум, по религија или по политичка припадност, затоа што тоа ни е најмалку потребно, кога станува збор за најважните политички цели кои ги имате – објасни Пендаровски.
Тој ќе се залага за две цели – одржување и унапредување на меѓуетничка кохезија и интеграција на Македонија во евроатлантските структури.
– Компромисите кои ги направивме во меѓувреме беа тешки, но беа нужни, и беа единствен начин со зачувување на нашиот идентитетски комплекс да ги отвориме портите на Европа и на светот, да се интегрираме со модерните нации и држави и да станеме во еден кус временски период дел од нив – рече Пендаровски.
Според него, концептот на неговиот главен политички опонент е концепт кој води во изолација, кој сака да ги поништи сите придобивки од изминативе две години.
– Се борат за поништување на Преспанскиот договор, за поништување на Рамковниот договор, за блокирање на нашиот пат кон НАТО и ЕУ, бидејќи ако го не го прифаќате Преспанскиот договор, не можете да напредувате кон интеграциите, тоа е секому јасно. На овие избори практично контрастот е како ретко кога изразен во однос на политичките цели кои секој од нас сака да ги постигне. Ние се залагаме за Македонија интегрирана во Европа и просперитетна држава со добра меѓуетничка кохезија внатре, тие се залагаат за Македонија пред 2001., пред Рамковниот договор или минимум за Македонија од десетте години на Никола Груевски кога бевме изолирани и на Балканот а не пак пошироко – додаде Пендаровски и посака фер и транспарентна кампања, а за себе рече дека ќе се залага да биде максимално коректен и да остане во границите на еден политички фер плеј.