Како и да го читате Уставот покажува дека воено лице не може да застане на чело на Министерството за внатрешни работи, не само во техничка, туку во било каква влада, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за Националниот сервис, МРТВ.
Претседателот Пендаровски зборуваше и за актуелните случувања, како и за неговиот повик за помирување во годишното обраќање пред пратениците.
– Дури и одлуката за предвремени избори се донесе овде, кај претседателот, иако место за тоа е Собранието. За жал, селективноста во нашата држава доведе до тоа да претседателот повикува на национално помирување. Карактеристика за држави кои излегуваат од конфликт е да се бара помирување, се прават акти за помирување, закони за помилување и така натаму. За жал, години наназад, особено во времето на претходната влада, во времето на господинот Груевски се случија тие најголеми поделби. Две и пол години се прекраток период да се пополнат тие дупки. Помирувањето не смее и не може да биде задача само на една власт или еден претседател. Со такви поделби, во толку мала држава, не можеме да одиме напред – истакна Пендаровски.
Притисок е ако по телефон нарачувам пресуда, лустрација, покренување на обвинение, како што за жал се случувало во минатото, рече Пендаровски во интервјуто за Националниот сервис.
– Притисок е ако судиите потпишуваат одлука која не е нивна. Јас само велам, вршете си ја својата работа. Да објавите соопштение дека одите на годишен одмор кога имате мега афера, а да не оставите двајца-тројца обвинители, тоа не е мешање во работата. Јас не им велам – јас ќе ја работам вашата работа – рече Пендаровски.
Претседателот се осврна и кон Законот за јазици, за кој вели дека и Венецијанската комисија рекла дека треба да се прилагоди кон ресурсите кои државата ги има во моментот.
– Со укинување на Законот за јазици, ќе ги заострите односите со Албанците. А со поништување на договорите, во истата секунда ќе добиете блокада од Европската Унија, тоа се огромни политички последици – рече Пендаровски.