Честитка до граѓаните по повод христијанскиот празник Христовото раѓање – Божик упатија претседателот Стево Пендаровски и собранискиот спикер Талат Џафери.
– Од се срце посакувам празничните денови да ги пречекаме во добро здравје, радост и среќа споделувајќи љубов и хармонија со нашите најблиски. Празничните денови кои ги минуваме во нашите домови исполнети со светлина и топлина, нека не инспирираат да се грижиме и да им подадеме рака на сите на кои им е потребна материјална и духовна поткрепа, стои во честитката од претседателот Пендаровски.
Христовото раѓање, подвлекува, е празник кој дава смисла на нашето човекување и ни ја всадува вербата во подобро утре исполнето со мир, љубов и благосостојба.
„Пораките на овој празник нека допрат до нашите срца и нека не следат цела година давајќи ни сила заеднички да се соочиме со сите предизвици кои ни претстојат. Само со заедништво, солидарност, разбирање и меѓусебна почит ќе дојдеме до личен просперитет и развој и напредок на нашата татковина“, напиша Пендаровски.
Претседателот на Собранието Талат Џафери, во честитката напиша дека празниците се посебни денови кои носат во себе посебна магија која создава во сите нас убави и позитивни мисли кои пак зрачат прекрасна енергија на заедничка среќа и радост, сплотена верба и надеж за подобро утре, посветла иднина, за нас, за нашите деца и сите идни поколенија.
„Нека биде таа енергија силата која што не води мудро низ сите предизвици што ги носи секој нов ден, секој нов миг. Нека радоста и спокојот што се раѓаат со почитувањето на универзалните вредности, односно човекољубието, взаемната почит, солидарноста и сочувството бидат вообичаено секојдневие за сите нас и мотив за создавање на дополнителни убавини и правење добри дела за радоста од дарувањето на таа позитивна енергија биде удвоена“, се вели во честитката на Џафери.