Пендаровски и Брнабиќ зборуваа за зголемување на регионалната соработка

51

Зголемување на регионалната соработка и натамошна интеграција во ЕУ преку имплементација на европските правила и стандарди на регионално ниво треба да биде основната цел на новата иницијатива за идно слободно движење на стоки, услуги и работна сила, рече претседателот Стево Пендаровски на денешната средба со српската премиерка Ана Брнабиќ во Белград.

Средбата со Брнабиќ е во рамки на официјалната посета на Пендаровски на Србија и на неа, како што соопшти Кабинетот на шефот на државата, беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете земји, како и за состојбите во регионот.

„Претседателот Пендаровски го реафирмираше интересот за натамошно интензивирање на севкупните билатерални односи на Северна Македонија со Србија, како две соседни и пријателски земји кои ги поврзува долга историска и културна традиција, а ја споделуваат и визијата за заедничка иднина во ЕУ“, се наведува во соопштението.

Пендаровски истакна и дека Северна Македонија и Србија имаат одлични политички и економски односи, а со оглед на споделената цел за европска интеграција има простор за размена на искуства за претпристапниот процес за членство во ЕУ.

– Контактите на високо ниво меѓу официјалните претставници на двете држави се доказ за добрите односи и стабилниот и позитивен развој на соработката меѓу двете држави – истакна Пендаровски на средбата со Брнабиќ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...