Партијата на Али Ахмети ќе види како ќе се позиционира кон претседателот на државата Стево Пендаровски, откако тој одби да ја преиспита својата одлука за именувањето на Еролд Муслиу за директор на Агенцијата за разузнавање, велат за Плусинфо извори од ДУИ.
Вицепремиерот и портпарол на ДУИ Бујар Османи побара Пендаровски дополнително да се информира за Муслиу и да рефлектира во однос на неговата одлука.
Вознемиреноста на ДУИ по именувањето на Муслиу, Османи директно ја позврза со настаните од Диво Насеље и со косовската група.
Шефот на државата експресно го одби барањето на ДУИ и порача дека Муслиу е „врвен професионалец кој својата кариера ја градел во земјава и имал беспрекорна соработка со службите од сите сојузнички држави. За именувањето на Еролд Муслиу за директор на Агенцијата за разузнавање беа известени и партнерските служби од земјите членки на НАТО. Именувањето на Муслиу е позитивно оценето од службите на сојузничките земји“.
Од партијата брифираат дека најмногу ги погодило тоа што Пендаровски без да се консултира со нивниот лидер го именувал Муслиу за директор, иако Ахмети само ден претходно бил на кафе кај шефот на државата. Од партијата засега не сакаат да коментираат дали потегот на Пендаровски да не ја промени одлуката за Муслиу, ќе значи нарушување на релациите со претседателот на државата иако токму ДУИ се фалеше дека е најзаслужна за неговиот избор за нов шеф на државата.
Според партиски извори, за нив е неприфатлив Муслиу, бидејќи, како што велат, тој директно бил инволвиран во случувањата од Диво Насеље, контактирал со лицата од косовската група и дека за тоа имало и прислушувани материјали кои се пуштале во Косово. Муслиу наводно бил споменуван и во судскиот процес од косовската група.
Од друга страна, извори од ДУИ информираат дека реакцијата за Муслиу е затоа што Ахмети типувал негов кадар да застане на чело на Агенцијата за разузнавање.
Информации во дел медиумите, пак, посочуваат дека ДУИ е против Муслиу поради негова наводна инволвираност во фалсификуваните досиеја кои пред речиси десет години беа обелоденети за дел од раководството на партијата за соработка со југословенските тајни служби.
Впечатливо е дека ДУИ и во 2011 година сметала дека на позицијата директор на Агенцијата за разузнавање треба да биде именувана личност која има кредибилитет а не личности како Еролд Муслиу.
– Ако евентуално дојде до промена на директорот на Агенцијата, воопшто не може да стане збор за директор на оваа институција да биде Еролд Муслиу – изјавиле тогаш од ДУИ за телевизија на албански јазик.