Пендаровски: Имаме консензус, сите рекоа „не“ за поинаква понуда освен полноправно членство

1116

Лидерската средба во претседателската вила на Водно е на пола пат. Затворено е првото прашање од дневниот ред и за него има консензус, додека за второто ќе се разговара по паузата која е во тек.

Претседателот Пендаровски излезе во јавноста и информираше што е договорено до сега.

– Мене ми е мило што сите лидери искажаа јасен државотворен капацитет и застанаа јасно зад оваа стратешка цел која ние ја зацртавме во раните 90-ти години. Ниту еден од поканетите лидери не испушти да каже дека ова е единствениот пат по кој треба да оди нашата земја и дека не постојат никакви алтернативи на тој пат – рече претседателот додавајќи дека тоа е единствената алтернатива која на среден и долг рок може да гарантира дека државата ќе биде трансформирана во просперитетна, демократска и економски успешна.

– Значи имаме јасен државен консензус на релевантните политички лидери во нашата земја дека стојат, независно од заклучоците на ЕУ, зад идејата РСМ што е можно поскоро поскоро да ги почне преговорите, да ги заврши и да стане полноправна членка. Сите присутни на средбата се согласни дека ние немаме проблем со евентуално нова и одобрена методологија за пристапните преговори, сите присутни рекоа дека немаат проблем ако новата методологија подразбира реверзибилност на процесот значи ако затворите едно поглавје и ако трендовите во таа област се негативни слободно може да се вратиме, немаме што да се плашиме тоа е во наш интерес – изјави Пендаровски.

Претседателот рече дека има консензус и за тоа дека државата не прифаќа никаква поинаква понуда од полноправно членство на ЕУ.

– Сите присутни лидери на состанокот рекоа „не“ за какви било евентуални алтернативи на процесот на приклучување и конечно полноправно членство. До сега никој не ни го нуди тоа, но на маргините на таа дебата која сите ја следевме која се водеше во Брисел и Луксембург, постоеја некои други размислувања дека можеби ние треба да бидеме ставени во категоријата на соседство, тоа е сосема друга категорија во однос на ЕУ. Ние сме дел од Европа и според базичните документи на ЕУ ние имаме право да бидеме дел од Унијата кога ќе ги задоволиме критериумите затоа што базичните документи од 1957 година велат секоја држава на континентот може да аплицира и да стане членка на таа организација. Значи ние не бараме никаква алтернатива на овој формат односно полноправна членка на таа организација – посочи Пендаровски.

Лидерската средба продолжува и во вториот дел тема се предвремените избори.

Во Вила Водно присутни се лидерите на двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицковски, а од партиите на Албанците присуствуваат пвите луѓе на ДУИ, Али Ахмети, на БЕСА, Билал Касами, на Алијанса на Албанците, Зијадин Села и на Алтернатива, Африм Гаши. Во вила „Водно“ иако ненајавен пристигна и лидерот на ДПА, Мендух Тачи.

Пендаровски рече дека се одлучил за овој формат на средба врз основа на тоа која партија освоила мандати на последните избори самостојно, а не во коалиција.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...