Преспанскиот договор бараше огромна храброст и визија, верувам дека тоа го имаат сфатено и во Германија. Затоа Северна Македонија нема план Б. Нашиот план Б е почеток на преговорите до крајот на годината, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за интернет изданието на германски „Шпигел“.
Германскиот весник интервјуто со Пендарвоски, објавено непосредно пред почетокот на неговата дводневна посета на Германија, го почнува со Договорот од Преспа, за кој вели дека е без преседан во поновата историја на Балканот.
Весникот оценува дека „ниту една земја не го сфати така сериозно како Македонија“ тоа дека „најважниот принцип на политиката на Брисел кон Западен Балкан“ е „мирното решавање на конфликти и регионална соработка“, за што сведочи и „додадената географска одредниа Северна во името на земјата“.
Пендаровски, зборувајќи за одложеното гласање во Бундестагот, во интервјуто настапува нагласено оптимистички во поглед на добивање термин за почеток на преговорите за влез во ЕУ.
– Веруваме дека не постојат подлабоки забелешки против почеток на пристапните преговори, туку само технички одложувања. Германија е наш најважен партнер, таа беше еден од актерите на Преспанскиот договор и во Берлин многу добро ја познаваат политичката ситуација во нашата земја – вели Пендаровски за „Шпигел“.
Весникот во интервјуто се осврнува и на ставањето во пакет на Албанија и Северна Македонија и добивањето заеднички термин за почеток на пристапни преговори, каде оценува дека сепак проблемите на нашата земја со владеењето на правото и со корупцијата се помали во однос, на хаотичната политичка ситуација во Албанија.
– Сегашната влада може и мора да биде подоследна во борбата против корупцијата и да ја води на поконзистентен европски начин, тука се уште постои слободен простор – вели Пендаровски во интервјуто за „Шпигел“.