Претседателот Стево Пендаровски дава поддршка на иницијативaтa на неколку политички партии, доставена во изминатиот период до неговиот кабинет, а која се однесува за реформа на изборниот модел преку измена на Изборниот законик.
Иницијативата, како што соопштија од вилата на Водно, е во насока на создавање на пропорционален изборен модел со отворени листи и намалување на бројот на изборни единици на територијата на Република Северна Македонија.
„Претседателот Пендаровски ги повикува политичките партии, и од власта и од опозицијата, да ја разгледаат можноста за реформа на изборниот модел преку измена на Изборниот законик и со политички консензус да се постигне договор за пропорционален изборен модел со отворени листи, каде граѓаните ќе имаат можност да избираат не само политички партии, туку и поединечни кандидати. Поаѓајќи од неговите заложби во изборната програма, претседателот Пендаровски смета дека во Република Северна Македонија треба да има помал број на изборни единици, без праг или со минимален праг на потребни гласови, а во функција на проширување на политичкото претставување во Собранието на Република Северна Македонија“, соопштија од кабинетот на Пендаровски.