Идејата на овој проект е, како што порано беше пракса, за жал на некои места и сега е така, граѓаните да доаѓаат и да се поплакуваат на политичките авторитети, вклучително и кај претседателот, претседателот да дојде кај нив и да ги праша што им треба, кои се проблемите, како можеме да помогнеме, има ли некоја работа која можеме да ја направиме повидлива за надлежните државни институции да ја решат. И се разбира, во тој концепт, во тие рамки ќе зборуваме и за убавите работи.
Ова го изјави претседателот на државата Стево Пендаровски, кој во рамките на проектот „Лице в лице со претседателот“, ја посети општина Велес
Пендаровски, заедно со градоначалникот Аце Коцевски, симболично засади садници на опожарените места крај езерото Младост, зафатени за време на пожарите во август годинава. Потоа, тој го посети ООУ „Св. Кирил и Методиј“, коешто е изградено во 1857-та година и е едно од најстарите училишта во земјата. Пендаровски ја посети и Територијалната противпожарна единица во Велес. На средбата со командирот на единицата и пожарникарите беше констатирана потребата од инвестиција во човечки капитал и во нова опрема.
– Најприродно е, најлогично е, во секоја демократија тоа се работи – избраните политички претставници на граѓаните и граѓаните на дневна основа да соработуваат, да се слушаат и да работат за заедничко добро – рече шефот на државата.