Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска го прими претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, соопштија од кабинетот на претседателот.
Ова е прва средба помеѓу Пендаровски и Заев откако премиерот поради одмор не присуствуваше на инаугурацијата на шефот на државата. Ни пред, ни по средбата Пендаровски и Заев не дадоа изјави за медиумите тукусе огласија со соопштение.
На средбата, Заев му честитал на Пендаровски за стапувањето на функцијата и му посакал успешна работа.
– Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во државата и за идната соработка меѓу двете институции. Претседателот Пендаровски и премиерот Заев се заложија за конкретна и суштинска соработка меѓу Претседателот и Владата со цел обезбедување на севкупниот напредок на земјата и реализирање на стратешките цели – членство во Европската унија и во НАТО. Претседателот и Премиерот ја нагласија потребата за усогласен и заеднички настап на меѓународен план и интензивирање на реформските процеси во државата со цел остварување на европските и евроатлантските перспективи на Република Северна Македонија и подобрување на животниот стандард на граѓаните, стои во соопштението.