Да се има офицерски чин е голема чест, но уште поголема одговорност кон Армијата и татковината. Оваа ваша одговорност ќе треба да ја носите со достоинство како што и прилега на една армија на земја-членка на НАТО, порача денеска претседателот Стево Пендаровски на свеченоста по повод заклетвата на 23-та класа на питомци и слушатели од курсот за стручно оспособување и усовршување за офицери, како и промоцијата на 19-та класа на питомци во чин потпоручник во нашата Армија.
– Оваа ваша одговорност ќе треба да ја носите со достоинство како што и прилега на една армија на земја-членка на НАТО. Како ваш врховен командант, од вас очекувам да внесете нова енергија и нови знаења во структурите на Армијата и сето она што научивте изминатите четири години да го пренесете во командите и единиците со цел да придонесете во зацврстувањето на борбената готовност и моралот на Армијата – рече Пендаровски.
Тој потенцира дека во Армијата нема и не смее да има место за стереотипи и предрасуди од било кој тип, нагласувајќи дека сосема заслужено, 13 од 42-та денеска промовираните потпоручници се жени.
Врховниот командант потсети дека на 15 ноември 1995 година, пред точно 24 години, нашата држава стана членка на Партнерство за мир, НАТО програма што требаше да не подготви за полноправно членство во Северноатлантската алијанса.
– Денес, 24 години подоцна, ние сме на чекор на достигнување на најголемата стратешка цел зад која стои огромен број од нашите граѓани. Само уште две ратификации на протоколот не делат од моментот кога ќе станеме 30-та земја-членка на најуспешниот воен сојуз во историјата – НАТО – истакна Пендаровски и додаде дека како идна членка на НАТО ја преземаме обврската да придонесуваме во колективениот систем на безбедноста, заеднички придонесувајќи за глобалната безбедност.
Свечена заклетва пред Врховниот командант, претставници на државниот врв, генерали и гости од регионот и роднини денеска дадоа питомци од 23 та класа на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, а промовирани беа потпоручници од 19-та класа, како и нови 29 кандидати на курсот за стручно оспособување и усовршување за офицери на лигистички специјалности и служби за потребите на Армијата и Министерството за одбрана.