Кандидатот за претседател на коалицијата „Заедно Напред“, Стево Пендаровски денеска на граѓанска трибина во Тетово рече дека коцептот на опозициската ВМРО – ДПМНЕ и нивната кандидатка Гордана Давкова Силјановска е да го уништат досега направеното и со тоа да ја вратат земјата назад и да ја блокираат иднината на сегашните и идните генерации.
– Нивната кандидатка сака да уништи се што оваа гарнитура направи. Ќе направеле ревизија на договорите и не кажуваат кој ќе им даде меѓународна гаранција за тоа, молчат. Сите најголеми светски сили рекоа „да“ за договорите и со нивна помош сме овде каде што сме денска. Нема да видиме ни Н од НАТО ни Е од ЕВРОПА ако ги прекинеме тие договори. Нивната кандидатка заговара ревизија на сите овие документи. Силјановска е против Преспанскиот договор, против Законот за јазици, против децентрализација и против сите документи на кои почива нашата безбедност и сигурност – рече Пендаровски.
Доста беа 30 години транзиции, режим и фамилија, Силјановска враќа во раните 90-ти години, порача Пендаровски на граѓанската трибина во Тетово.