Пендаровски денеска во Белград на средба со Вучиќ

109

Претседателот Стево Пендаровски денеска и утре престојува во официјална посета на Република Србија, каде што ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести од претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ.

Пендаровски ќе има тет-а-тет средба со српскиот претседател Вучиќ во Палата Србија во Белград, по што ќе следува и пленарен состанок меѓу делегациите на Република Северна Македонија и на Република Србија.

Претседателот Пендаровски, како што најавуваат од неговиот кабинет, ќе има средба и со претседателката на Владата на Република Србија Ана Брнабиќ и со претседателката на Народното собрание на Република Србија Маја Гојковиќ.

Во рамките на официјалната посета, Пендаровски ќе има средби и со претседателот на Стопанската комора на Република Србија Марко Чадеж и со српски стопанственици.

Пендаровски утре во Нови Сад ќе учествува на 4. Регионален младински форум и ќе се обрати на претседателската панел-дискусија „Обраќање на младите пред претставниците на влаcта: презентирање на политичкиот дијалог пред милениумците“, заедно со претседателот на Република Србија Александар Вучиќ и претседателот на Република Словенија Борут Пахор.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...