Треба да се држат за збор премиерот и министрите дека ќе преземат сѐ за да не се повторуваат грешките кои се очигледни, кои ги има и се евидентирани од јавноста во изминатите две години, изјави денеска кандидатот за претседател Стево Пендаровски по трибината со младите во Јавна соба во Скопје.
– Бројот гласови освоен во првиот круг не е резултат на мојот пристап, туку на еден поширок политички контекст. Знаеме сите низ што сѐ поминавме изминатите две години и зошто е таков резултатот во одредени региони, општини или кај гласачи на оваа политичка структура што мене ме поддржува. Мислам дека мојот пристап е добар и имам намера до крај да го застапувам. Се надевам дека во вториот круг, на 5 мај, многу поголем број граѓани ќе сфатат дека ова е единствениот пат за излегување од изолацијата што ни ја наметна претходната политичка гарнитура и дека единствен начин земјава да да се развива е да се следи овој пат – на внатрешна стабилност, добри меѓуетнички односи и целосна интеграција на Македонија во евроатлантските структури – рече Пендаровски.
Одговорајќи на новинарско прашање во врска со најавената „чистка“ во владините редови, напомена дека во целост ја поддржува.
– Тоа е пред сѐ е работа на премиерот и на владината структура, но јас потполно го поддржувам тој пристап и сметам дека е во ред. Сакам до сите да апелирам, да ги замолам да размислат, за момент да ги стават на страна проблемите во функционирањето и неисполнувањето на ветувањата од 2016-та, 2017-та и евентуално во меѓувреме, и да помислат што би бил исходот ако опозициската кандидатка или главната опозициска партија добие мнозинство гласови. Тоа ќе значи директно враќање во времето на Никола Груевски, а сите знаеме дека во тој период не живеевме добро. На сите полиња бевме закочени и сега, со повторното инсталирање на истиот тој режим, но под друго име, сите ние, вклучувајќи ги и незадоволните од актуелната гарнитура што ја гласале пред година-две, не би сакале да го повториме тоа искуство – подвлече Пендаровски по трибината со младите во Скопје.