Да не бев претседател, ќе се преселив од мојата земја, изјавил претседателот Стево Пендаровски на Форум за млади во Нови Сад сакајќи да ја илустрира состојбата на чекање за влез во ЕУ , во земјава и регионот , пренесуваат српските медиуми.
-Тие имаат само еден живот, сите ние имаме само еден живот и никој не е луд да го троши додека преговорите со ЕУ траат со години, при што просечната плата во мојата земја е 400 евра. Да не бев претседател, ќе се преселив од мојата земја – рекол Пендаровски.
Според него, шанса да се задржат младите во регионот е Западен Балкан да почне да ги користи своите ресурси и да продолжи со регионални автономни иницијативи додека чека прием во ЕУ.
– Ако ги имплементираме вредностите на Европската Унија во нашите земји, ќе можеме да ги задржиме младите во земјата. Младите можат да одат каде сакаат и тоа не може никој да им го забрани. Но, ние како одговорни политичари мора да им понудиме можност тука, дома да ја имаат првата шанса за да успеат. Само ако им го понудиме тоа, можеме да се надеваме дека ќе останат во своите матични земји – рече Пендаровски на претседателскиот панел на 4. Регионален младински форум, што се одржува во Нови Сад, Србија.