Пендаровски го додели признанието „Инженерски прстен 2019“

312

Претседателот  Стево Пендаровски, на свеченост во Музејот на современа уметност вечерва го врачи признанието „Инженерски прстен 2019“, што по 16-ти пат им се доделува на најуспешните дипломирани студенти од техничките факултети.

Младите научници и инженери со нивниот успех, знаења и вештини, како што рече претседателот, се иднината на земјава.

– Знаењата мора да се надградуваат, затоа што само така ќе бидете конкурентни на пазарот на трудот во глобални рамки со своите колеги од Европа и светот. Посакувам и се надевам дека најголемиот дел од вас своето знаење и искуство стекнато надвор ќе го имплементирате во земјава, со цел да изградиме уште подобро општество за сите, рече Пендаровски.

Посочи дека примената на нови знаења во сите сегменти, a посебно во развојот на техниката и технологијата, е и тоа како битна, бидејќи само со вистински реформи можеме да постигнеме напредок во земјата.

– Како претседател ќе се залагам за одговорен однос кон образовниот систем, младите луѓе мора да добијат можности и перспективи да го реализираат својот потенцијал, и стекнато знаење тука, во сопствената држава, а нашите заложби за што побрз влез во евроатлантските структури и чекорите што досега се преземени, се вистинскиот правец по кој ќе продолжиме да се движиме, додаде претседателот.

На свеченоста се обратија и проф. д-р Христина Спасевска, претседател на Инженерската институција на Македонија и проф. д-р Миле Димитровски, претседател на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, како и Клаус Туридл, претседател на Европскиот совет на инженерски комори.

Инженерскиот прстен го доделува Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овлатени инженери, под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...