Националниот кординатор за членство на Македонија во НАТО Стево Пендаровски денеска во Струга го означи стартот на кампањата за претстојниот референдум, што ќе се одржи на 30 септември кога граѓаните треба да се изјаснат „Дали се за членство во ЕУ и НАТО преку поддршка на договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“.
Пред стружани тој истакна дека позитивниот исход од референдумското прашање ќе има исклучително значење и за меѓуетничките односи во Македонија, кои, според него, се основата на кои лежи стабилноста на земјата.
– Сите што живеат во Струга знаат што значи да живеете во мултиетничка средина и да се почитувате взаемно. Ова е прашање како што до сега, вклучувајќи го и првиот референдум на 8 септември 1991 година, не сме имале. Бидеќи не постои етничка заедница во Македонија, која не го поддржува договорот со Грција, а со тоа и нашиот влез во ЕУ и НАТО, рече Пендаровски.
Тој ги повика сите етнички заедници Македонци, Албанци, Турци, Бошњаци, Роми и сите останати да се обединат на иста страна, бидејќи, како што подвлече, овој пат нема да разговараме за партии, мандати и нови четири години власт или опозиција, туку ќе разговараме само за тоа Македонија да оди напред.
– Стружани многу добро знаат што значи да имате една мирна кохабитација меѓу луѓе со различна вероисповест и етничка припадност. Во најтешките времиња до сега и во 2001 година проблеми од таков тип немаше како што имаше во други делови на Македонија. Вие многу добро знаете што е највредното што го имате во своите животи освен приватната сфера, а тоа е да се толерираме еден со друг, бидејќи друга алтернатива немаме. Ова е патот по кој треба да продолжиме и не се сомневам дека овде ќе наидеме на одличен одзив бидејќи ја знам средината, нагласи Пендаровски.
Тој најави информативна кампања со ниски тонови без навреди за никој и оти ќе одат во секое населено место да им укажат на луѓето за придобивките од позитивно изјаснување на референдумското прашање.
– Мислам дека граѓаните се добро запознаени со тоа што точно ќе биде на 30 септември и со македонско-грчкиот договор за името, но не е лошо дополнително да им објасниме, бидејќи има и друга страна која многу не ги почитува овие процеси, туку напротив ги опструира. Од таму оди една тивка и суптилна контра пропаганда, која се обидува да го убеди македонскиот народ дека ова е капитулантски договор за кој не вреди воопшто да се гласа. Се разбира дека тоа не е точно и ние ќе се обидеме на оние на кои не им е јасно да го појасниме, рече Пендаровски.
Националниот кординатор за членство во НАТО вечерва ќе има средба со стружани во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.