Пендаровски: Бугарија сигурно нема да го блокира датумот

84

Елементите на бугарската позиција во однос на натамошниот процес на интеграцијата на Северна Македонија се внатрешно-политичка работа на една земја-членка на Унијата и таа позициија со сигурност нема да биде изнесена на претстојниот Европски совет, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски.

Тој одговарајќи на новинарско прашање во врска со најавите дека Бугарија утре ќе ги најави мерките за преговорите рече дека деновиве не контактирал со бугарскиот претседател Румен Радев, но нагласи дека Бугарија сигурно нема да го блокира отпочнувањето на преговорите.

– Прво да добиеме датум, а потоа сите земји членки на Унијата треба да ја направат преговарачката рамка од нивен национален аспект. Ќе направиме наши преговарачки позиции во однос на тоа што другите земји членки бараат од нас. Ако воопшто дојде на дневен ред таа работа тоа ќе дојде кон средината на следната година, кога ќе почне да се одвива преговарачкиот процес. Практично невозможно е да коментирате преговарачка позиција чии елементи не ги знаете сѐ уште. Да ги видиме прво елементите, а околу динамиката ние ќе треба да се произнесеме во однос на тоа што евентуално го бара една земја членка некаде половина година отсега понатаму – рече претседателот, кој денеска присуствуваше на отворање на МладиХаб – Канцеларија на претседател на Република Северна Македонија и панел дискусија на тема „Дигитални вештини и трансформација на општеството“.

На 30 септември бугарскиот државен врв одржа консултативната средба кај претседателот Румен Радев, на која присуствуваа Борисов, Каракачанов и вицепремиерката и шефица на дипломатијата Екатерина Захариева.

По средбата Борисов нагласи дека Софија секогаш истакнувала дека Македонија може да смета на неа на патот кон ЕУ, но никогаш не кажала дека безусловно го поддржува нејзиниот прием.

– Иднината на Северна Македонија е во ЕУ и тие не треба да си играат со таа шанса. Но, да ја запреме Северна Македонија на патот кон ЕУ, тоа ќе биде запишано во историјата дека сите 27 земји ги поддржале, а само Бугарија ги запрела. Ние сакаме и Албанија да оди заедно со Северна Македонија. Но, никогаш не сме кажале дека безусловно го поддржуваме влезот во ЕУ. Имаме на располагање 71 инструмент во преговорите по поглавјата. Да не си играат со историјата и минатото и да се концентрираат на иднината – рече тогаш Борисов.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...