Пендаровски-Борисов: Заедничкото претседавање со Берлинскиот процес – можност за зајакнување на добрососедските односи

163

Македонија и Бугарија се посветени кон јакнење на добрососедските односи и унапредување на соработката во сите сфери од заеднички интерес, констатирано на средбата помеѓу претседателот на државата Стево Пендаровски и премиерот на Бугарија Бојко Борисов.

Заедничкото претседавање со Берлинскиот процес, беше констатирано на средбата, претставува одлична можност за понатамошно зајакнување на добрососедските односи и посилна улога на двете држави во регионалните прашања.

Двајцата соговорници констатираа дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија внесе позитивна динамика во севкупните билатерални односи, а со неговото потпишување во 2017 година двете држави дадоа позитивен пример за надминување на останатите отворени прашања во регионот.

Политичкиот дијалог се реализира на највисоко ниво, а постигнат е значителен напредок во соработката на двете држави во економијата, туризмот, транспортот и комуникацијата, животната средина, културата, образованието и одбраната, беше заклучено на средбата.

Претседателот Пендаровски изрази уверување за натамошна добра работа на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, како обврска произлезена од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Истовремено, претседателот Пендаровски повика на воздржаност од политичките водства на двете држави, со цел да им се овозможи на историчарите успешно да ги завршат обврските во рамки на комисијата.

Пендаровски се заблагодари за севкупната поддршка од Република Бугарија за аспирациите на Македонија за членство во Европската унија и во НАТО. Во тој контекст, Пендаровски го реафирмираше очекувањето дека Македонија во октомври ќе добие датум за почеток на пристапните преговори со Европската унија. Претседателот на државата посочи дека Македонија вложи многу напори во исполнување на европските критериуми и истакна дека државата ќе продолжи со реализацијата на реформската агенда во пресрет на очекуваната одлука на Европскиот Совет за почеток на пристапните преговори.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...