Се надевам и сметам дека со поминувањето на времето сите луѓе ќе видат дека нема од што да се плашат и ќе се зголемува бројот на оние кои се за договорот, вели националниот координатор за подготовка за членство во НАТО, Стево Пендаровски во интервјуто за грчката новинска агенција АНА-МПА во однос на реакциите за промената на името во Република Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.
Тој вели дека се уште се наоѓаме на почетокот на целиот процес на промена на името на објекти и табли и објаснува дека ПЈРМ беше само за меѓународна употреба, а не и за внатрешна и сето ова е ново за нас.
– Оние кои полесно ќе се навикнат се младите во споредба со постарите луѓе. Во секој случај сме должни да го имплементираме она што го потпишавме и сигурен сум дека ќе го сториме тоа – вели Пендаровски и објаснува дека според последните анкети, прифаќањето на Договорот од Преспа поврзан со потпишувањето на Протоколот за членство во НАТО е во пораст, „речиси 70 отсто што е многу повисоко од моментот кога се потпиша договорот“.
Пендаровски во интервјуто истакнува и дека „со членството во НАТО ќе има меѓународна легитимност на нашите граници“.
Во однос на можноста повторно да биде кандидат за претседател, Пендаровски вели дека ако постои широка поддршка од граѓаните, ќе се кандидира, но тоа зависи од волјата на граѓаните и без нивната поддршка не би бил кандидат.