Првичните сознанија на Обвинителството говорат дека во починатото лице во Демиркаписко, кое беше пронајдено во саботата навечер, е пукано со огнено оружје.
Државното јавно обвинителство за МИА наведе дека се чека да се види дали обдукцијата ќе потврди дека е пукано со огнено оружје.
– Основното јавно обвинителство постапува по предметот во врска со пронајденото починато лице. Беше наредена обдукција и вештачење на траги. Предметот е во предистрага. Обвинителството продолжува со постапката, во насока на расчистување на случајот – рекоа од Обвинителството.
Според информациите добиени од Верољуб Додевски, портпарол во СВР Велес, во саботата околу 18.30 часот во Полициската станица Демир Капија било пријавено дека на место викано „Селиште“-Копришница, атар на општина Демир Капија, бил пронајден Ј.Д.(50) од село Тимјаник, неготинско.
– Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од Полициската станица Неготино, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било предадено за обдукција – рече Додевски за МИА.