Паѓа цената за приклучокот на струја, наскоро 400 евра

При тоа се крати и рокот за изведба на приклучокот на 5 до 7 дена- појасни претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.

660

Граѓаните во иднина ќе плаќаат за најмалку 20 отсто пониска цена за приклучок на струја. Приклучокот ќе поевтини и за компаниите. Ова го предлага „Електродистрибуција“ Скопје во мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија. Кои денеска ги разгледуваше Регулаторната комисија за енергетика.

– До сега граѓаните плаќаа по 500 евра за приклучок, а со намалувањето за 20 отсто тоа ќе изнесува 400 евра. Соодветно ќе биде намалена и цената на приклучокот и за компаниите. При тоа се крати и рокот за изведба на приклучокот на 5 до 7 дена- појасни претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.

Тој појасни дека ваквиот предлог се должи на зголемувањето на ефикасноста на работа на „Електродистрибуција“ и на намалувањето на нивните трошоци за набавка на опрема која би се користела за изградба на овие приклучоци.

Со мрежните правила за дистрибуција, операторот на дистрибутивниот систем ќе биде обрзан да формира дата на податоци за квалитетот на испорака на електрична енергија.

– Тоа е важно бидејќи ќе може да се мери квалитетот на испорачана електрична енергија и врз основа на тоа да се прави дополнителен притисок врз операторот на дистрибутивниот систем да го подобрува квалитетот на испорачана електрична енергија – рече Бислимоски.

Бислимоски рече дека „Електродистрибуција“ три месеци порано ги доставила мрежните правила за кои ќе се води и јавна дебата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...