На првата јавна расправа за уставните амандмани која денеска се одржа во Владата, професорот Љубомир Фрчкоски предложил три компоненти дополнително да нагласи предлагачот на амандманите: дека не се загрозува граѓанскиот карактер на Уставот, да се нагласат идентитетските одредници, како и дека решенијата се во рамки на уставните стандарди и не се измислени само за нас.
Во врска со предложените амандмани, Фрчкоски дал забелешка во делот на преамбулата да се вметне Охридскиот договор, но да не биде во истата реченица со историските документи и со Уставот од 1991 година.
– Добро е да се цитираат одлуките на АСНОМ, отколку да се вметне прогласот. Охридскиот договор има историско значење но тој не може да влезе во преамбулата заедно со историските документи – оценил Фрчкоски.
А за постојаното потенцирање дека Македонија нема територијални претензии, Фрчкоски рече дека „тоа звучи како да зборуваме за моќна држава како Русија, па како другите држави на Балканот да се плашат“.
Во третиот амандман, Републиката се грижи за дијаспората само кусо, без да се наведуваат припадниците на македонскиот народ кои живеат во странство или да се наведуваат други заедници.
Професорот Владо Поповски предложил во преамбулата, во новиот текст веднаш по граѓаните на Република Северна Македонија, да стои македонскиот народ, албанскиот, турскиот, српскиот, ромскиот, бошњачкиот, влашкиот.
Според Поповски, прецизирањето македонски народ е затоа што граѓаните на Република Македонија не се национален државен субјект, туку се колективен субјект кој се бори за своја држава.
Поповски рекол и дека треба да стои и „граѓани кои се дел од албанскиот, турскиот, влашкиот, бошњачкиот и ромскиот народ, а не како досега „граѓани кои живеат во нејзините граници’“.
За професорот Блерим Река „претстои тежок политички период со многу предизвици“. Тој кажал дека нема многу маневарски простор за интервенција во амандманите, бидејќи обврските од Договорот од Преспа мора да се реализираат. А мора да се реализира амнестијата, додека свои барања имаат и пратениците од албанската опозиција.
За уставните амандмани ќе се дискутира утре во Универзитетот ФОН, а задутре во Македонската академија на науките и уметностите. В понеделник ќе се организираат дебати и во Тетово и Штип.