Пациентите и лекарите бараат лек за хроничното насилство врз белите мантили

Ако со болно дете шетате од клиника на клиника, а терапијата доцни, тоа е една од ситуациите која предизвикува големо незадоволство - изјави Весна Алексовска, претседателка на Здружението на пациенти со ретки болести.

151

Здруженијата на пациенти и еснафските организации на лекарите денеска во Лекарската комора на Македонија разговараа зошто лекарите и медицинскиот персонал се почесто се мета на напади, најчесто на семејствата на пациентите, зошто пациентите се незадоволни од лекарите и како насилството да се намали.

– Незадоволството кај пациентите е предизвикано од различни ситуации – често се недостапни за медицински третман, некогаш долго се чека за преглед, терапија, а сето тоа кај дел од пациентите доведува до очај, шок, кај некои дури и до депресија. Ако со болно дете шетате од клиника на клиника, а терапијата доцни, тоа е една од ситуациите која предизвикува големо незадоволство. Пациентите се жалат од непрофесионалниот однос од здравствените работници во Здруженијата на пациенти, но и до Министерството за здравство, многу ретко до Комисијата за правата на пациентите и до Државниот санитарен и здравствен инспекторат – изјави Весна Алексовска, претседателка на Здружението на пациенти со ретки болести.

Таа нагласи дека пациентите кои реагираат на некопректниот однос на лекарите и  другите вработени во здравството ретко добиваат одговор, кој се оддолговлекува, а најчестиот одговор е „да го провериме случајот, па ќе ве известиме“.

– Довербата во здравствениот систем е нарушена од поодамна. Ако го подобриме здравствениот систем, ако ја подобриме комуникацијата меѓу пациентите и докторите значително ќе се подобри и довербата што ја имаат пациентите и кон докторите, но и кон здравствениот систем. Со тоа што се повеќе лекари заминуваат во странство или во приватните болници, за жал, се зголемува недовербата во јавното здравство – нагласи Алексовска.

Претседателката на Лекарската комора, д-р Калина Гривчева Старделова, изјави:

– Лекарите ќе поработат на сопственото однесување – тоа е најдобар начин да се надмине проблемот, заедно со пациентите, за да се зголеми довербата, но и пациентите да сфатат дека насилството не е решение за какво било незадоволство: од системот, од докторот… – рече Гривчева Старделова.

Од Комората на здравствени работници со стручно образование велат – медицинските сестри се први на удар!

– Насилството врз здравствените работници  стана хроничен проблем за кој треба долготрајна терапија и решавање. Но треба и една долготрајна стратегија, насочена и кон владините институции и кон нас и кон пациентите. Пациентот има болест, а често се среќаваме со вербално и физичко насилство. Но на пациентот не можеме да му замериме, но му замеруваме на семејството, бидејќи семејството е тоа кое нема доверба во нас и кое агресивно настапува и не не остава да работиме – рече Виолета Котевска, претседателка на Комората.

Таа додаде дека од семејствата мора да разберат дека насилството предизвикува  голем импакт врз здравствената нега која ќе ја спроведуваат сестрите и другите здравствени работници.

– Мора да се работи на промоција за враќање на довербата за пациентите и семејствата да разберат дека ние сме таму за нив, но и дека сепак и ние сме пациенти – нагласи Котевска.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...