Пахор: Може да се потпрете на Словенија дека ќе направиме се за да почнете со преговорите

Од наш најголем опонент на евроатлантскиот пат, Република Грција денес е нашиот најстабилен сојузник и најголемиот поддржувач. Очекуваме така и да остане, сосема небитно е што имаат нова Влада во Атина, затоа што принципите на кои е поставен Преспанскиот договор се, по наше длабоко уверување коректни, балансирани и се во интерес на двата народа и на двете држави, рече Пендаровски.

142

Беше ветено дека Северна Македонија во случај на потпис и ратификација на Преспанскиот договор, во јуни оваа година ќе добие зелено светло за почеток на преговори, но тоа не се случи. Словенија би сакала, како и во разговорите со македонските пријатели, како и во разговорите со нашите пријатели во Европската унија, во европското семејство, да каже дека тоа не е во ред, не е добро и дека следниот Самит на лидерите на ЕУ е можност оваа грешка да се поправи, изјави словенечкиот претседател Борут Пахор, на денешната средба со претседателот Стево Пендаровски.

Тој, на средбата во Љубљана, што се одржа при официјалната посета на Пендаровски во Словенија, истакна дека Северна Македонија направила извонредни, неверојатни, навистина мошне тешки чекори, да ги исполни високите очекувања на Грција и на меѓународната заедница, за да може да продолжи по патот на евроатлантските интеграции.

– Северна Македонија може да се потпре на Словенија, дека за преговорите во Европската унија ќе направи се за да може да ја убеди Европа за да почне со преговорите, како заради мирот и безбедноста на Западниот Балкан, така и заради ветувањата што беа дадени на македонскиот народ, како и заради перспективите на Европската унија во малку поширока временска рамка – нагласи Пахор.

Запрашан за можни алтернативи во однос на проширувањето на ЕУ, претседателот Пахор рече дека ставот на Пендаровски за тоа прашање добро го разбира и го поддржува.

– Ако ја погледнете картата на светот, Западниот Балкан е опколен со држави од Европската унија и еден природен пат за ширењето е проширувањето кон Западниот Балкан. Јас немам некоја друга перспектива за овие држави и она што би сакал да го кажам, е како што им велам на европските пријатели и колеги, дека одложувањето на стратегијата би можела да ја врати нестабилноста на Западниот Балкан – рече Пахор.

Претседателот на Северна Македонија, запрашан дали очекува некакви тешкотии со новата грчка Влада во врска со Преспанскиот договор, одговори дека јавно декларираните заложби на новата грчка Влада се оти ќе го почитуваат Преспанскиот договор и дека притоа ќе се залагаат за постриктна или поригидна негова имплементација.

– Од наш најголем опонент на евроатлантскиот пат, Република Грција денес е нашиот најстабилен сојузник и најголемиот поддржувач. Очекуваме така и да остане, сосема небитно е што имаат нова Влада во Атина, затоа што принципите на кои е поставен Преспанскиот договор се, по наше длабоко уверување коректни, балансирани и се во интерес на двата народа и на двете држави – рече Пендаровски.

Запрашан за коментар за евентуална корекција на границите, претседателот изрази мислење дека такви идеи не треба воопшто „да бидат на маса“ во 21-от век.

– Ние не смееме, заради безбедноста на сите нас во овој регион и заради евентуални проблеми кои т.н. Стара Европа може да ги има, да размислуваме за враќање во раните 90-ти кога разговаравме за тие т.н. тврди безбедносни прашања: територија, граници, разграничувања итн. Јас лично сум убеден дека границите треба да останат таму каде што се и секоја друга варијанта на репреговарање и промена на границите, не дај Боже размена на луѓе и територии, ќе придонесат за домино ефект и тука сигурно неколку држави во регионот ќе бидат прва колатерална штета – оцени Пендаровски.

На прашањето, што очекува од новата Европска комисија и дали се плаши од понатамошно продолжување на постапките во однос на ширењето на Европската унија, односно да не добиеме датум на есен, претседателот рече дека сите во Северна Македонија се разочарани што ЕУ не го испорачала тоа што го ветила на минатогодишниот софиски Самит, кога децидно беше договорено во јуни да добиеме датум веднаш по европските избори.

– Јас се надевам, такви гаранции добивме од нашите силни поддржувачи и пријатели од Брисел, дека овојпат навистина станува збор само за техничко одложување на процесот, дека нема никакви дополнителни политички процедури или предуслови за почнување на тие преговори, и дека навистина одлуката ќе помине во германскиот Бундестаг во септември, а Европската унија ќе ја донесе својата одлука во октомври, со прецизирање на датум за преговори. Ние се надеваме, а како што е договорено, дека најдоцна до септември ќе имаме и нови функционални европски институции, кои ќе можат да ја донесат таа одлука – наведе Пендаровски.

Тој истакна дека од Унијата и од НАТО добиваме демократски вредности.

– Ние не бараме да бидеме членка на Европската унија за да добиеме кеш пари, ние бараме да го организираме, да научиме како да го организираме нашето општество на принципи кои нив ги има направено успешни држави. Тоа ни треба, значи ова е еден вид школа за демократија во која се поминува еден подолг временски период и на крајот се исплати. Подобра алтернатива нема од целосна интеграција во Европската унија и НАТО – заклучи Пендаровски.

На средбата на Пендаровски и Пахор, соопштија од претседателскиот кабинет, биле потврдени традиционално блиските односи и високиот степен на разбирање и доверба меѓу двете држави.

Вечерва, Пендаровски ќе одржи предавање на Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) на тема „Иднината на Северна Македонија – Како да се забрза интеграцијата во ЕУ“, а утре во Љубљана ќе оствари средби со претседателот на Државното собрание на Република Словенија, Дејан Жидан и со претседателот на Владата на Република Словенија, Марјан Шарец.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...