Расправата по интерпелацијата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во Собранието на Република Северна Македонија ќе продолжи по пауза од еден час, на барање на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Паузата од еден час ја побара пратеничката Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ поради, како што рече, партиски причини.
Претходно претседателот на Собранието Талат Џафери информира дека по координацијата на паузата од 18 до 19 часот за говор останале пријавени уште петмина пратеници.
Собранието во рамки на продолжението на 86-та седница денеска расправа по однос на интерпелацијата на министерот Спасовски, поднесена од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“.
Вечерва опозицијата во текот на расправата лично го прозва министерот Спасовски за, како што велат зголемениот број грабежи, убиства и скандали. Владејачкото мнозинство, пак, интерпелацијата ја оценија за неоснована, паушална и во функција на спречување на напредокот на државата.
Министерот Спасовски, во реплика на нападите од опозицијата, сподели неколку факти, за како што рече, за нештата да бидат појасни за јавноста.
– Зборувате за зголемен број убиства. Еве ги статистичките податоци. 2014 година, кога ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски се во најголем подем на власта и министер е Гордана Јанкуловска се случиле 25 убиства. 2018 година имаме 17 убиства. Фактите и податоците се тие. 2014 година ефикасноста во реализацијата е 42 проценти, додека 2018 година реализацијата е 75 проценти – изјави Спасовски.
Посочи дека кривични дела „тешка кражба“ во 2014 година имало 13.110 случаи, додека во 2018 година 10.788 случаи.
– Во однос на исчезнати лица и пријавување на исчезнати лица. Во оваа 2019 година имаме само едно лице кое се води на активна потерница. Секое лице, кое што, од било кои причини не се пронаоѓа во одреден момент и реагира неговото семејство со пријава за исчезнување, сите тие се водат како настани за пријава на исчезнато лице. Ќе ви кажам за еден ваш партиски член од Куманово, познат под прекарот Бинго. Пет пати само минатата година го пријавуваат за исчезнат и го наоѓаме пијан во викендица. Тоа го зголемува бројот, но тоа не го зголемување стравот – истакна Спасовски.
Расправата по интерпелацијата на министерот Спасовски почна денеска напладне и според собранискиот деловник треба да заврши денеска, најдоцна до 24 часот.