Пат позиција на Корејскиот Полуостров

Историската средба на Ким Џонг-ун и Доналд Трамп не се преточи во нешто конкретно. Ким е изложен на притисоци што побрзо да почне со денуклеаризацијата. Додека не го стори тоа, кинескиот претседател Си Џинпинг ќе се држи на дистанца

85

Големата воена парада во Пјонгјанг во неделата по повод 70-години од формирањето на Северна Кореја претставува индиција дека лидерот Ким Џонг-ун навистина е подготвен на нуклеарно разоружување. Меѓу воената опрема и возилата прикажани на парадата овој пат немаше ракети со голем дострел што можат да носат нуклеарни боеви глави,пишува Дојче Веле

Таквиот сигнал нема да остане незабележан во странство.

Државниот јубилеј не доаѓа во погоден момент за Ким. Младиот лидер се надева на олеснување на санкциите и на заздравување на економијата. Сепак ни три месеци по историската средба со американскиот претседател Доналд Трамп во Сингапур, тој не направи ниту еден конкретен чекор кон спроведување на договореното.

Ким минатата среда на еден јужнокорејски пратеник му го пренесе своето незадоволство, нагласувајќи дека Северна Кореја „ги презела неопходните чекори кон денуклеаризацијата“. Тој веројатно мислел на затварањето на еден полигон за тестирање на нуклеарно оружје и на една база за лансирање проектили.

Се бара уште некој знак на добра волја

Во соопштението по средбата во Сингапур претседателите на Северна Кореја и САД ја изразија својата намера да бидат приврзани кон нов почеток на меѓусебните односи. Наводно Трамп усмено ветил дека наскоро ќе потпише указ за официјален крај на Корејската Војна.

Но, станарот на Белата куќа само ги замрзна заедничките воени маневри со армијата на Јужна Кореја. Извештаите на тајните служби наводно упатувале на тоа дека Северна Кореја всушност не престанала да работи на усовршување на нуклеарното оружје.

На почетокот на август уште двајца севернокорејски функционери се најдоа на листата на лица кон кои САД воведоа санкции, а потоа кон крајот на месецот Трамп ја блокираше планираната посета на шефот на американската дипломатија Мајк Помпео на Пјонгјанг.

– Нема доволно напредок во денуклеаризацијата – соопшти тогаш Трамп.

Се шират гласини дека раководитеот на севернокорејската тајна служба Ким Јонг-чо наводно му пренел на Вашингтон дека Помпео при посетата на Пјонгјанг мора да донесе конкретна понуда. Ова значи дека САД веројатно прво чекаат Пјонгјанг да покаже уште некој знак на добра волја. Тоа би можело да биде воената парада без ракетите со голем дострел.

Притисок на Пекинг и Сеул

Можно е пат позицијата да биде надмината веќе следната недела. И Кина и Јужна Кореја го зголемуваат притисокот врз Ким за компромис. Така кинескиот претседател Си Џинпинг не ја прифати поканата да присуствува на државната прослава во Пјонгјанг, туку како негов претставник го испрати претседателот на Парламентот.

Аналитичарите ова го толкуваат како сигнал од Пекинг дека не треба да се очекува брзо олеснување на економските санкции.

Покрај ова Кина сака да се избегне впечатокот дека е премногу блиска со Северна Кореја во време кога води тешка царинска војна со САД. Кинеските претседатели не го посетиле Пјонгјанг веќе 13 години, а се верува дека Си би го сторил тоа дури ако увиди дека тоа би било од корист на неговата земја.

Претседателот на Јужна Кореја Мун Џе-ин, кој е еден од најистакнатите заговорници на политиката на зближување на двете Кореи, исто така заговара компромис меѓу Пјогјанг и Вашингтон. Мун во застојот гледа пречка за неговите големи економски планови кој опфаќаат и изградба на железничка линија што ќе ги поврзува Северна и Јужна Кореја. Предвидено е тој по третпат да се сретне со Ким од 18 до 20 септември во Пјонгјанг.

Изложен на сите овие притисоци Ким Џонг-ун минатата среда првпат објави временска рамка за откажување од нуклеарното оружје, изјавувајќи дека планира тој процес да заврши до крајот на првиот мандат на претседателот Трамп.

– Ќе успееме во тоа заедно, објави Трамп на Твитер како одговор на најавата на Ким.

Сепак, Трамп останува опкружен со приврзаници на политиката на цврста рака кон Северна Кореја, пред се, со новиот советник за национална безбедност Џон Болтон.

Слично и Ким е опкружен со советници од „старата школа“ за кои соработката со САД претставува табу.

Сето ова упатува дека средбата на двајцата претседатели во Сингапур не успеа да го надмине јазот меѓу двете земји.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...