Македонското здружение на медицински сестри и акушерки, со поддршка од Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) започна нова серија обуки за патронажните сестри со фокус врз поддршка на семејствата при негување на емотивниот, социјалниот и интелектуалниот развој на децата во најважните години од животот.
Новата иницијатива е дел од напорите за натамошно јакнење на улогата на здравствениот сектор во намалување на ризикот од напуштање на децата, намалување на насилството, запоставувањето на децата и дисфункционалното родителство.
– Од моментот на раѓањето, децата се биолошки програмирани да се свртат кон своите родители. Когнитивно-социјалниот развој на децата започнува токму преку длабокото поврзување полно со љубов со примарните старателим- рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.
– Кога детето ќе доживее емотивно одбивање или кога ќе се соочи со хаос и насилство во домот, неговиот развој, самодоверба и способност да учи се исфрлени од колосек. Токму затоа е пресудна помошта што патронажните сестри кои одат во домашна посета им ја даваат на родителите за да применуваат позитивно родителство и да градат безбедна приврзаност со своите деца.
– Патронажните сестри се првите здравствени работници кои го посетуваат семејството на новороденчето и првите кои нудат совети за грижа околу децата – рече Велка Лукиќ, претседателка на Македонското здружение на медицински сестри и акушерки.
– Овој нов фокус има за цел да им даде на патронажните сестри знаења и вештини за помош на родителите повеќе од она на што сме навикнати – не само совети за здравјето, растот и физичкиот развој, туку и за емотивно-когнитивниот развој.
Работилниците ќе се одвиваат преку каскаден модел. Оние што ќе учествуваат во главната програма ќе го пренесат на своите колеги знаењето за невро-науката во однос на приврзувањето меѓу родителот и детето, обрасците на таквото приврзување, како и за трансгенерациските обрасци на приврзување. Се предвидува една третина од патронажните сестри да бидат обучени во текот на годината, а останатите во 2019 година.
Оваа нова иницијатива за развој на капацитетите е дел од тековната соработка меѓу УНИЦЕФ и Македонското здружение на медицински сестри и акушерки и се базира на претходната работа за рано откривање и интервенција кај задоцнет развој и поддршка за семејствата на децата со попреченост, како и информации за родителите за здравјето, растот и развојот на децата од 0 до 3 години.