Патријарх Вартоломеј: Го примивме барањето од таканаречената „Македонска црква“

809
ФОТО: МИА

Црквата-мајка го разгледува секој случај во духот на љубовта и единството, секогаш имајќи ги на ум духовната полза и спасението на верните. И во истиот дух ќе продолжи и понатаму да раководи со љубов и грижа во годините што доаѓаат, вели вселенскиот партијарх Вартоломеј во интервју за БГНЕС кое го пренесе МИА, во врска со барањето на македонската црква упатено до Константинопол за решавање на нејзиниот статус.

Вселенската патријарх Вартоломеј потврдрува дека го добил барањето на поглаварот на македонската црква г.г.Стефан. Вели дека секој случај е единствен и дека така се разгледува.

За најавата дека ова прашање ќе биде ставено под негова директна надлежност и дали тоа треба да биде сфатено како дел од еклитонот, патријархот Вартоломеј наведува дека одлучувањето по апелациското прибегнување (еклитон) е привилегија, но истовремено и голема меѓуцрковна одговорност, која ѝ е дадена на Константинополската црква за време на Четвртиот вселенски собор во Халкидон во 451 година.

– Деветтиот и 17-от Канон од овој Собор предвидуваат дека ако некој епископ или клирик е осуден од својот митрополит или од помесен синод, а смета дека му е направена неправда, тој канонски може да поднесе молба до Константинополскиот престол, кој што има одговорност да ја преразгледа неговата молба и да донесе конечна одлука. Ова право на Вселенската патријаршија било спроведувано многу пати во нејзината историја во поглед на епископи од други патријаршии и на автокефални цркви – вели патријархот Вартоломеј.

Во продолжение е целосното интервју со вселенскиот патријарх Вартоломеј за БГНЕС.

Ваша Сесветост, Вселенската Патријаршија во Константинопол е позната по својата искреност и доследност кон развивањето на меѓунационалните односи во православниот свет. Со „објавувањето“ на Украинската православна автокефалија беше направен многу смел чекор, што од некои православни Христијани се смета како причина за поделби во Православието. Ќе сакате ли да ни појасните како беше донесена оваа одлука?

– Ви благодариме на вашата покана за овој многу значаен духовен и црковен разговор преку новинската агенција БГНЕС, за кој сме сигурни дека ќе расветли многу аспекти од украинското црковно прашање, а и други работи. Покрај нашите топли поздрави кон сите членови на вашата агенција, исто така ги поздравуваме и вашите возљубени читатели и ја изразуваме нашата љубов и почит кон нашиот сакан брат, Неговата светост Неофит, патријарх Софиски и на цела Бугарија, кон високата јерархија на Бугарската црква и кон целиот клир и сиот побожен бугарски народ.

За да можеме да ги разјасниме причините поради кои Синодот на Вселенската патријаршија на 22 април 2018 г. – после многу размислување и разгледување – одлучи да додели автокефалија на Украина, најпрвин треба да ја разгледаме историјата на Киевската митрополија, и покрај фатот што тоа е тешко да се направи во рамките на едно интервју. Сепак, правилно е пред Бога и луѓето да наведеме некои историски вистини.

Како што знаете, Вселенската патријаршија, после крштевањето на кнезот Владимир и на Киевјаните во 988 год, ја основа светата Киевска митрополија, која го зазеде 60-то место во каталогот на Епископиите на Константинополската црква. Киевската митрополија канонски припаѓаше на Вселенската патријаршија, дури и откако на Москва ѝ беше доделено патријаршиско достоинство во 1589 год. Кога Мала Русија беше ослободена од монголско ропство во 1685 година, Патријархот Јоаким Московски (1674-1690) неканонски изврши упад преку границите на Киевската митрополија, која како што спомнавме претходно, канонски припаѓаше на Вселенската патријаршија, и го избра епископот Гедеон за митрополит Киевски. Така 700 години долгиот црковен поредок на Киевската митрополија, што се спроведуваше уште од 988 година, беше сменет пучистички. И ова се направи со кршење на свештените канони, во полза на Московската патријаршија, а на штета на Константинополската црква. Киевската митрополија сепак никогаш не прифати канонска припадност кон Московската патријаршија. Нема никаков официјален документ кој докажува такво потчинување или, пак, некаква согласност од страна на Константинополската црква. Познатите писма на Вселенскиот патријарх Дионисиј IV само му даваат канонска дозвола на Московскиот патријарх да поставува Киевски митрополит, додека истовремено истакнувајќи го како основен предуслов спомнувањето на Вселенскиот патријарх од страна на митрополитот.

Од тогаш, па сѐ до април 2018, кога Вселенската патријаршија одлучи да додели автокефалија на Украинската црква, беа направени многу обиди од Украина да добие своја црковна независност од Русија, но ниту еден од нив не беше успешен – за што Московската патријаршија носи целосна одговорност. Навистина, не само што овие обиди не се покажаа успешни, туку и расколите што се создадоа во минатиот век се должат, пред сѐ, на тврдоглавоста на Руската црква да не ѝ дозволи црковна независност на Украина. Не би сакале да потсетуваме на историските настани од минатиот век, бидејќи тие ни се секако познати на сите нас. Ќе спомнеме, сепак, дека до неодамна постоеја три црковни јурисдикции во Украина: едната под Московската патријаршија, како автономна Црква на Украина со митрополитот Онуфриј како свој претстојател; другата под раководство на самопрогласениот патријарх Филарет, како „Киевска патријаршија“; и третата под раководство на самопрогласениот митрополит Макариј, како Автокефална црква на Украина. На 11 октомври 2018 година, Синодот на Вселенската патријаршија – после бројни апелациски молби од страна на Филарет и Макариј – ги врати во каноничност двата водачи на расколничките групи, признавајќи го нивното архиерејство, но не и нивните титули. Тоа значи дека Филарет не е повеќе патријарх Киевски, туку поранешен митрополит Киевски, додека Макариј не е архиепископ на Лвив, туку поранешен архиепископ на Лвив. Доброто во оваа одлука на Мајката Црква е што двете црковни јурисдикции на Филарет и Макариј беа соединети под духовно раководство на Вселенската патријаршија и зедоа учество во Црковно-народниот собор, кој го избра Неговото блаженство, митрополитот Епифаниј, за претстојател на новата Автокефална црква на Украина.

Сметаме дека е голем благослов од Бога што Вселенската патријаршија успеа да врати во каноничност цел народ од повеќе милиони луѓе, кои беа оставени надвор од Црквата, без да има некакви догматски причини за тоа. Слава на Бога! Затоа, одлучувачкиот фактор што ја поттикна Вселенската патријаршија да додели автокефалија на Украина е лекувањето на расколот и обновувањето на црковното единство.

Треба ли да се бара консензус помеѓу помесните православни цркви за „објавувањето“ на Украинската православна автокефалија?

– Уште во првиот милениум, со одлуките на Вселенските собори беа утврдени границите на петте древни Патријаршии (Стариот Рим, Новиот Рим–Константинопол, Александрија, Антиохија, Ерусалим) и на Кипарската црква. Во годините што следеа, Вселенската патријаршија – врз основа на Светите канони (меѓу кои 9-от, 17-от и 28-от канон од Четвртиот вселенски собор, 36-от канон од Петто-шестиот вселенски собор и 1-от канон од Соборот во 879/80 г., што се одржа во Св. Софија во Константинопол) – ја зеде на себе одговорноста да додели Томос за автокефалија на сите новосоздадени цркви, било со статус на Архиепископија, или со статус на Патријаршија, без разгледување и учество на другите цркви. И во случајот со Украина не постапивме поинаку. Ја применивме истата практика кон која се придржувавме при признавањето на сите новосоздадени автокефални цркви.

Очигледно, после распаѓањето на Советскиот Сојуз и прогласувањето на независноста на Украина, Русија сака да ја задржи својата доминација во пост-советскиот простор. Какви се размислувањата на Вашата Сесветост во поглед на постоечкото мешање на Русија во црковните работи на православните Украинци? Под зборот црковни работи подразбираме било какво институционално мешање во црковните работи на украинското Православие.

– Ние исто така веруваме дека навистина вредеше да се додели автокефалност и црковна независност на Украинскиот народ – нешто за кое тие се бореа со векови. Автокефалијата што Вселенската патријаршија ѝ ја додели на Украинската црква отвора можност за внатрешно самоуправување, кое секогаш оди во прилог на развојот на помесната црква. Во тој контекст, да не ги заборавиме и новите социо-политички промени, кои создадоа нови прилики. Настрана независноста на земјата и создавањето на новата Украинска република во 1991 година, после присоединувањето на Крим во 2014, условите за руското присуство во Украина станаа уште потешки. Шокантните политички настани, преку кои беа создадени нови и потполно поинакви гео-политички услови, не само што го направија непожелно присуството и мешањето на Московската патријаршија, туку во најмала рака и штетно за интересите на украинскиот народ и за единството на украинските жители. Затоа сосема е разбирливо зошто најголемиот дел од украинскиот народ посака црковно ослободување од црква која не само што тесно соработува туку и потполно им служи на интересите на државата која е во судир со Украина.

Има слични околности и кај другите православни меѓунационални односи, кои се речиси идентични на „објавувањето“ на автокефалијата на Украинската православна црква. И Украинската и автокефалијата на Северна Македонија се сѐ поактуелни проблеми, поврзани со статусот на православниот клир во земјата и неговата сопственост. На пример, Вселенската патријаршија апелираше до Бугарската православна црква да не се меша во проблемите на клирот во Северна Македонија и Вашата Сесветост објави дека овој проблем ќе биде ставен во Ваша директна надлежност. Дали тоа треба да биде сфатено како дел од еклитонот?

– Одлучувањето по апелациското прибегнување (еклитон) е привилегија, но истовремено и голема меѓуцрковна одговорност, која ѝ беше дадена на Константинополската Црква за време на Четвртиот Вселенски собор во Халкидон во 451 год. 9-от и 17-от Канон од овој Собор предвидуваат дека ако некој епископ или клирик е осуден од својот митрополит или од помесен синод, а смета дека му е направена неправда, тој канонски може да поднесе молба до Константинополскиот престол, кој што има одговорност да ја преразгледа неговата молба и да донесе конечна одлука. Ова право на Вселенската патријаршија било спроведувано многу пати во нејзината историја во поглед на епископи од други патријаршии и на автокефални цркви.

Во рамките на ова, Вселенската патријаршија, исто така ги испита големите искушенија што ја снајдоа Бугарската црква за време на нејзиниот внатрешен раскол во 1990-те и на сличен начин ја разгледа молбата на Филарет и Макариј, поранешни митрополити на Киев и Лвив. На ист начин, Вселенската патријаршија го прими и поднесеното барање на митрополит Стефан, претстојателот на таканаречената „Македонска црква“. Навистина, секој случај е посебен. Мајката црква го разгледува секој од нив во духот на љубовта и единството, секогаш имајќи ги на ум духовната полза и спасението на верните. И во истиот дух ќе продолжи и понатаму да раководи со љубов и грижа во годините што доаѓаат.

Може ли да очекуваме дека Вашата Сесветост ќе ја посети Бугарија во блиска иднина?

– Во моментов немаме такви планови. И покрај реченово, сепак одржуваме братска комуникација со Неговата светост Неофит, патријархот бугарски, како и со многу браќа јерарси од Бугарската црква. Неодамна, за време на нашата посета на светата Митрополија на Адријанопол, се сретнавме со Неговото високопреосвештенство, митрополитот Кипријан Старозагорски, во придружба на голем број верни од неговите соседни епархии – кои дојдоа во посета во Адријанопол на покана од месниот пастир, митрополитот Амфилохиј. Ние многу ги сакаме клирот и мирјаните на Бугарската црква како и побожните Бугарски верници кои живеат во Турција и со сето срце се молиме од средиштето на Мајката Црква за нивен напредок и богодаруван успех.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...