Збогум НАТО, збогум ЕУ. Македонецот, кој со векови неможел да се договори, само за инат, меѓу себе и за туѓи интереси и овој пат го испушта возот за Брисел. Тука, во овој камењар, во овој змијарник ќе останел за и понатаму да се кара, да се плука и рака да крева на татко, на брат. Простете но, од таков сој се!. Што да се прави?. Македончето не е навикнато на убаво. Лепче и солца да има!. Ништо друго. А мудар е!. Полн е со мудрости!.Но, никако не може да најде лек за помирување. На „патриотите“ им подадоа рака. За инат не ја прифатија. Во крв му е да се кара. Еве и сега му понудија Македонија да биде заедно со богатите. Не, па не. Ни рака за помирување фаќаат ниту пак договор прифаќаат!?. Не бива, па не бива. Едните сакаат, ама другите ни да чујат. „Во јајцето влакно бараат!“. Нема што. Од пелин семе се!
Едните ги молат другите и им велат дека ваква прилика Македонија за влезе во НАТО и ЕУ нема никогаш да добие! Другите пак „ербап“ се прават. Дошле нивните пет минути, велат и не сакаат ни да слушнат за Европа. Се фатиле, како слеп за стап, и освен „името не го даваме“, друго не знаа да кажат. Немаат ниту предлог што понатаму со Македонија!?. Се кршат копја во парламентот. Се докажува дека Европа рака ни дава. Но, ниту молби, ниту колби не помагаат. А „потајно“ и меѓу редови кажуваат само еден предлог:Амнестија! Но, не на оние што насилно влегоа во Парламентот и кои сакаа да убиваат туку амнестија за „вождот“ и тајфата кои за единаесет години украдоа милиони евра народни пари и ја оголија Македонија до гола кожа. Амнестија за арамии бараат!?. Па каде се чуло и видело за арамии „курбан“ да оди Татковината!. Велат: „Ако има амнестија за Груевски ќе го прифеле договорот со Грција за промена на името од Република Македонија во Република Северна Македонија и дека ќе го дале својот глас за промена на Уставот!. За „нападот“ на Парламентот, на 27 април, правдата да си го каже својот збор!’. Предлогот на премиерот Заев за помирување и опростување за се што се случи во Парламентот, не важи. Но дали „патриотите“ ја разбраа понудата на Заев?.Дало всушност разбраа што им понуди!?.
Но, со својот став јасно кажаа за мајка Македонија, дека баш да им е гајле. А за народот?. Него не го ни есапат. Не го ставаат никаде. Како воопшто да го нема. Ќе го побарале ако има избори. Тогаш ќе им треба. Сега како да не постои. Најважно е да се спаси „најголемиот“!. А , Македонија, каде сака нека оди!.
На говорницата докажуваа дека ја сакаат Македонија, дека ВМРО-ДПМНЕ е државотворна партија и дека секогаш кога и е најтешко на Татковината таа е тука и дека нивна задача е таа да се најде во НАТО и ЕУ!?. „Мижи Асан да ти бајам!“, вели народот. Народот уште рекол : „Не му верувај на оној на кого ти леб му даваш, а тој со камен те мава!“. Ако Владата им даде амнестија на арамиите тогаш самата ќе ја убие Македонија!. Не треба друг да пука во неа!.
Ако дојде „нож до коска“,велат дека решението ќе го барааат во предвремени парламентарни избори!. А со нив Македонија не само што ќе изгуби многу пари туку никогаш повеќе нема да добие друга шанса за влез во НАТО и ЕУ!?. А добро ќе биде и ако Македонија, под било кое име, ја има!?