Декласифицирањето на документите од грчкото Министерство за надворешни работи, кои се однесуваат на спорот за името, е одличен потег на министерот Никос Коѕијас. Анализата, како што вели тој, покажува дека сите до сега предложени имиња од медијаторот Нимиц – Вардарска Македонија, Горна Македонија, Македонија (Скопје) – биле отфрлени од грчките влади во минатото, освен името Северна Македонија.
Во 2009 година, многу важна година по фијаското на самитот на НАТО во Букурешт, тогашниот премиер Константинос Мицотакис рекол дека ова име може да е исходот што се бара, а министерка за надворешни работи Дора Бакојани, која сега отфрла секаков предлог што го содржи името Македонија (!), во одговор до Нимиц, рекла дека „секако вреди да се продолжат преговорите за ова име“.
Во прилог на приказните за таа 2009 година, би сакал да раскажам една важна случка, за која малку се знае. Тогаш, во големата и глупава битка за „наследството“ на империјата на Александар и Филип (наследство за кое уште тогаш пишував дека, во идентитска смисла, е празно множество), во Атина се роди идеја како да му се возврати на агресивното Скопје – да се подигне споменик на Александар во грчкиот главен град.
Но, што се случи? Умните грчки историчари се спротивставија во славната Атина да се подигне споменик на крвавиот освојувач. И што стори тогаш досетливата Бакојани? Разговараше со својот колега Зебари од Ирак, статуата на Александар Велики да се подигне во северен Ирак, во сеќавање на клучната битка на војсководецот против Персијците, во местото Гаугамела (331 година пред нашата ера). Инаку, се верува дека во северен Ирак има заборавен град на Александар.
Ете, така, баш „патриотски“, размислуваше грчката влада во таа 2009 година, кога имаше некакви шанси да се постигне компромис со владата на Груевски. И тоа не беше последниот обид со Груевски, се разбира. За еден таков обид слушнавме и во бомбите на Заев. Ништо страшно, тоа е работа на владите – да се соочуваат со проблемите и да ги решаваат. На едни им успева, на други не. После 25 години неуспеси, договор успеаја да постигнат токму владите на Ципрас и на Заев.
Во таа чест, ако онаа работа со Гаугамела сѐ уште не е завршена, предлагам споменикот на Александар Велики од скопскиот плоштад да се натовари на брод во Солун и да се однесе во Ирак. Ќе го личи таму каде што водел битки и победувал. За слава и за плен. Овде кај нас, не го личи.